тенис

Федерер нема да добие улица во родниот Базел

Базел, родниот град на 20-кратниот грен слем шампион Роџер Федерер, одби да именува улица по тенисерот, изјави топографот на швајцарскиот град Пол Хафнер за „Ројтерс“.    

„Политиката на Базел е дека само мртвите луѓе можат да добијат плоштад или улица именувана по нив на овој начин“, истакна Хафнер. 

Во Базел веќе има трамвај кој го носи името на Федерер, а во тек се преговори за изградба на зграда во негова чест. 41-годишниот Федерер ја заврши кариерата оваа година откако на крајот на септември играше на Лејвер купот во Лондон.


Надал потврди дека ќе игра во Париз и Торино

Рафаел Надал напорно тренира за неговото враќање на мастерс турнирот во Париз, а потоа и за завршниот мастерс кој ќе се одржува во Торино. Оваа вест ја потврди тренерот на Надал, Карлос Моја.

Надал во моментот се наоѓа на втората позиција од АТП листата, зад сонародникот и прв тенисер на светот, Карлос Алказар. Освојувачот на 22 гренд слем титули својот последен официјален натпревар го имаше во осминафиналето од УС Опен каде беше поразен од Френсис Тијафо.

Рафаел Надал во меѓувреме стана татко, а настапи и на Лејвер купот, каде играше во пар со Роџер Федерер кој се простуваше од играњето тенис.

Надал во 2022 година ги освои Ролан Гарос и Австралија Oпен.


Седум нови имиња ќе влезат во „Куќата на славните“ на светскиот тенис

Хуан Карлос Фереро, Карлос Моја, двајцата од Шпанија, Даниел Нестор од Канада, Кара Блек од Зимбабве, Ана Ивановиќ од Србија, Флавија Пенета од Италија и Лиза Рејмонд од САД се годинашните кандидати за влез во тениската Куќа на славните во 2023 година, објави Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.

Отворено е и онлајн-гласањето, до 30 октомври, гледачите можат да гласаат само еднаш, но можат да гласаат за онолку кандидати колку што сметаат дека заслужуваат, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци.

Гласачката група е составена од приближно 140 тениски новинари, историчари и членови на Куќата на славните, кои ќе го достават својот глас. Најдобрите тројца во гласањето на гледачите ќе добијат бонус процентни поени на резултатот од гласачката група.


Симона Халеп заработи суспензија поради позитивен допинг тест

Двократната Гренд слем шампионка, тенисерката Симона Халеп падна на допинг тест на УС Опен, кој се одржуваше во август.

Халеп била позитивна на лек против анемија, поради што доби привремена суспензија од страна на Меѓународната агенција за интегритет на тенисот.

Тенисерката од Романија после дознавање на одлуката изјави дека се чувствува потполно збунета и предадена. Таа на социјалните мрежи напиша дека не се чувствува виновна и дека сега започнува нејзиниот најтежок натпревар во нејзиниот живот, борбата за вистината.


Ѓоковиќ неизвесен за насап на Мастерсот во Париз

Новак Ѓоковиќ може да го пропушти последниот сезонски турнир од серијата „Мастерс“ во Париз, кој започнува на крајот на октомври, најави тренерот на Србинот, Горан Иванишевиќ. До крајот на сезоната, Ѓоковиќ сигурно ќе учествува во финалето на АТП во Торино по 13 ноември, но можеби ќе реши да паузира по учеството и освојувањето на титулите во Тел Авив и Астана (Казахстан).

„Јасно е дека сигурно ќе игра во Торино, но останува прашањето дали ќе замине во Париз пред тоа“, изјави Иванишевиќ.


Швјонтек го освои турнирот во Сан Диего

Полската тенисерка Ига Швјонтек стигна до осмиот трофеј сезонава. Таа го освои ВТА турнирот во Сан Диего победувајќи ја во финалето Дона Векиќ од Хрватска.     

Финалето кое се одигра синоќа траеше 109 минути и заврши со 2-1, по сетови 6-3, 3-6 и 6-0. За првиот светски рекет ова беше вкупно единаесетта титула во кариерата. Вкупниот награден фонд во Сан Диего (САД) изнесуваше 757.900 долари.


Тенисерот Андреас Сепи најави крај на кариерата

Тенисерот Андреас Сепи најави крај на кариерата

Италијанскиот тенисер Андреас Сепи ја најави својата одлука да се повлече од играњето професионален тенис, и дека АТП турнирот во Наполи кој ќе се одржува идната недела ќе биде негов последен.

Сепи одлуката за крај на кариерата ја донел на УС Опен, кога на натпревар од турнирот осетил болка во рамото после само три одиграни гема. Тогаш му станало јасно дека неговото тело не може да ги издржи напорите за игра на највисоко ниво.

38-годишниот Сепи во својата кариера има освоено три трофеи, а најдобар пласман во кариерата му е 18.место на АТП листата во 2013.година.


Синер ќе го прескокне турнирот во Фиренца

Италијанскиот тенисер Јаник Синер нема да игра на АТП 250 турнирот во Фиренца (Италија) кој ќе се одржи од 10 до 16 октомври.     

Разочарувачки е што морав да се повлечам од мечот во Софија. Зборував со докторот и тој ме советуваше да направам мала пауза за да заздрави скочниот зглоб. За жал, тоа значи дека ќе го пропуштам турнирот во Фиренца следната недела. Пропуштањето на турнирот во Италија е многу болно за мене… Но, сега е време да работам со мојот тим за да станам посилен. Се надевам дека ќе бидам подготвен за турнирите во Виена и Париз, напиша 21-годишниот играч на социјалните мрежи. 

На 1 октомври Синер не можеше да го доигра полуфиналниот меч на турнирот во Софија против Данецот Холгер Руне. При резултат 2-3 во решавачкиот сет падна, извртувајќи го скочниот зглоб и по неколку гема Италијанецот реши да се повлече. 12-от светски рекет.


Кирјиос заврши на суд поради поранешната девојка

Австралиската тениска ѕвезда Ник Кирјиос вели дека е фокусиран на она што може да го контролира, бидејќи се надева на позитивни вести откако неговиот случај ќе биде сослушан пред судот во Канбера. Кирјос има закажано рочиште пред судот за наводен напад.

27-годишниот Кирјиос беше обвинет дека наводно ја нападнал својата поранешна девојка Кјара Пасари. Кирјиос, кој се натпреварува на овонеделниот АТП 500 турнир во Токио, нема да присуствува на судското рочиште бидејќи ќе го застапуваат неговите адвокати.

Тениската ѕвезда ќе бара да биде отфрлено неговото обвинение за напад поради менталното здравје и предметот да биде отфрлен според дел од актот за локални злосторства. Според актот, судиите имаат овластување да го отфрлат обвинението доколку се уверат дека обвинетиот е ментално оштетен и дека постапувањето по некоја работа на тој начин ќе биде од корист за заедницата заедно со сторителот.


Алкараз останува лидер на АТП листата

Шпанскиот тенисер Карлос Алказар го задржа првото место на АТП листата со 6.740 бодови, додека втората позиција ја презеде неговиот сонародник Рафаел Надал со 5.810 бода. Ова е прв пат после август 2000. година првите две позиции на АТП листата да му припаѓаат на тенисери од иста земја.

Норвежанецот Каспер Руд падна на третото место со 5.645 поени. Русинот Данил Медведев е четврт, додека Германецот Александар Зверев е петти.

Наредната АТП листа се очекува да биде објавена наредната недела.