тенис

Тим: Алкараз, Синер и Тијафо го променија тенисот

Австрискиот тенисер Доминик Тим во интервју за медиумите тврди дека Карлос Алкараз, Јаник Синер и Френсис Тијафо го променија денешниот тенис, бидејќи го забрзаа и го подигнаа на повисоко ниво, во споредба со „големата тројка“ која според Австриецот е подефанзивна и повнимателна во играта.

Тим полека се враќа на тениската сцена после многубројните отсуства и проблеми со повредите. Тој новата генерација на тенисери ја спореди со Федерер, Џоковиќ и Надал кои доминираа во тенисот повеќе од една деценија.


Ѓоковиќ ја освои 89.титула во кариерата

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е победник на турнирот во Тел Авив откако во финалето го совлада Хрватот Марин Чилиќ со 6:3, 6:4.

За Џоковиќ ова е трет трофеј во оваа сезона, а вкупно 89-ти во кариерата. Со освојувањето на турнирот во Тел Авив , Србинот стана првиот играч во 2022 година кој има освоено турнир на секоја тенсика подлога.

Нареден турнир на кој ќе учествува Новак е оној во Казахстан кој е дел од серијата 500.


Мареј не размислува за заминување во пензија

Трикратниот грен слем шампион Енди Мареј одговори на новинарско прашање дали размислува наскоро да стави крај на кариерата.

„Засега не размислувам за тоа. Сè уште сум конкурентен и физички подготвен против врвните момци. Дефинитивно не сакам и не заслужувам заминување како што го имаше Роџер. Тој тоа го заслужи и беше одлично што сите гледаа од трибините, нивното присуство ја направи оваа вечер посебна. Не планирам таков проштален натпревар. Веројатно ќе објавам кога ќе го одиграм мојот последен турнир и сето тоа, но не знам кога ќе биде тоа“, вели Мареј.


Ѓоковиќ: Засекогаш ќе го паметам овај Лејвер куп

Еден од најдобрите светски тенисери Новак Ѓоковиќ истакна дека е благодарен на единствената прилика одново  да биде на теренот со своите најголеми ривали, Шпанецот Рафаел Надал, Швајцарецот Роџер Федерер и Британецот Енди Мареј, и дека поради тоа засекогаш ќе го памети Лејвер купот во Лондон.

На овај турнир Роџер Федерер ќе го одигра својот последен натпревар во професионалната кариера. Тој ќе настапува во дубл со Рафаел Надал против Американците Џек Сок и Френсис Тиафо.

Големата четворка на светскиот тенис која ќе настапува за „Тимот на Европа“, вкупно има освоено 66 грен слем трофеи. Надал има 22, Ѓоковиќ 21, Федерер 20, а Мареј три грен слем титули.


Мареј: На теренот тренираат три легенди и еден кловн!

На претстојниот Лејвер куп, една од најголемите легенди на светскиот тенис Роџер Федерер заминува во пензија, а во лондонската „О2 Арена“ го очекува фантастичен настап. За пензионирањето на големиот Швајцарец ќе сведочат тројца од најдобрите играчи од неговата ера – Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Енди Мареј.

Најмалку успешен меѓу четворицата асови секако е Шкотланѓанецот, кој освои три Грен Слема и секогаш покажуваше голема почит кон Роџер, Рафа и Новак. Како и многу пати досега, не му беше непознато да се шегува на своја сметка.

„Големата тројка и еден кловн. Ваквите тренинзи не се гледаат често. Апсолутна привилегија е да се дели теренот со овие тројца момци за последен пат“, напиша 35-годишниот Енди Мареј во описот на својата слика со тројца од најуспешните тенисери на 21 век.


Роџер Федерер својот последен натпревар во кариерата ќе го одигра во пар со Надал

Швајцарскиот тенисер Роџер Федедер својот последен професионален натпревар во кариерата ќе го одигра на Лејвер купот во Лондон.

Федерер ќе настапи во дубл со Шпанецот Рафаел Надал, против Американците Џек Сок и Френсис Тиафо.

Организаторите на Лејвер купот соопштија дека тенискиот дуел е планиран како последен натпревар од првиот ден на турнирот.


Надал: Немам намера да се пензионирам

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјавил дека нема намера да замине во тениска пензија, пренесуваат медиумите во Шпанија.

Надал во Мадрид доби признание за досегашната успешна кариера, а наградата му ја додели кралот на Шпанија, Фелипе.

„Се надевам дека оваа награда не ми е доделена за крај на кариерата, бидејќи немам намера да заминам во пензија“, порача Надал.

Рафаел Надал оваа сезона имаше доста проблеми со повредите, но и покрај тоа успеа да ги освои Австралија Опен и Ролан Гарос. Шпанскиот тенисер овај викенд ќе настапува на Лејвер купот во Лондон каде ќе игра за „Тимот на Европа“.


Надал награден од шпанскиот крал Фелипе

Шпанскиот крал Фелипе Шести му ја врачи наградата „Камино Реал“ на Рафаел Надал во вторникот на Универзитетот во Алкала де Хенарес.

36-годишниот тенисер веста ја објави на својот профил на социјалните мрежи.

„Ви благодариме, Ваше Височество, за вашето присуство. Им благодарам и на претседателот и членовите на Советодавниот одбор, директорот и членовите на Академскиот совет на Институтот Френклин, комисијата за избор, кои одлучија да ми ја доделат наградата. Се надевам дека ќе бидам и ќе останам пример за шпанските вредности, останувајќи верен на моето балеарско и мајорканско потекло. Чест и голема радост е да се добие наградата „Камино Реал“, која има големо историско значење. Ова е признание за мојата работа во светот на тенисот, како и за мојата страст за овој спорт, носејќи ја мојата работа и страст надвор од границите на нашата земја“, напиша Шпанецот на Инстаграм.


Се готви спектакл меѓу Надал и Федерер на „Сантијаго Бернабеу“

Роџер Федерер кариерата ќе ја заврши на овогодинешниот Лејвер куп, рамо до рамо со неговите најголеми ривали.

Пред неколку дена Роџер Федерер објави дека Лејвер купот ќе биде последниот АТП настан во неговата долга трофејна кариера.

Реал Мадрид има интересна понуда за Швајцарецот. Шпанскиот клуб се понуди да приреди вистински проштален натпревар за тениската легенда на својот Сантијаго Бернабеу следната година, а Федерер на тој меч да ги одмери силите против Рафаел Надал.

Дали Федерер ќе биде заинтересиран за оваа понуда и колку таа би била остварлива во пракса е секако нешто за што може да се разговара. Секако повеќе детали не очекуваат за време и по самиот Лејвер куп.

Рекордна посетеност на тениски меч е забележана во 2020 година на егзибициски натпревар во Јужна Африка. Актерите беа токму Федерер и Надал, а во тој момент нивниот меч го следеа 52.000 луѓе. Можете ли да замислите тениски меч да се игра пред повеќе од 80.000 луѓе?


Муратоглу: Никој немало и нема да игра тенис како Роџер Федерер

Познатиот тениски тренер Патрик Муратоглу смета дека Роџер Федерер е единствен во историјата на овој спорт.

Роџер Федерер најави дека ќе се пензионира по завршувањето на Лејвер купот следниот викенд, а Муратоглу истакнува дека Швајцарецот е најдобриот амбасадор кој тенисот го имал некогаш.

„Секој би сакал да може да игра тенис како него, но тој е единствен, никој не може да го повтори тоа во иднина. Никој никогаш не играл тенис како Федерер и никој никогаш нема да игра како него – затоа што тоа е невозможно. Федерер е премногу совршен за да некој може да се спореди со него. Тој е апсолутно совршенство во сè што прави – начинот на кој се движи, начинот на кој ја удира топката, затоа што имате чувство дека Федерер сето тоа го прави со малку труд“, рече Муратоглу.

Тој истакна дека најголемиот квалитет на Федерер е неговата борбеност на теренот.