тенис

Новак Џоковиќ 340 недели на врвот

Најдобриот тенисер на светот Новак Џоковиќ ја започна својата 340-та недела на врвот на АТП листата.

Светскиот рекет број еден, во моментот има 11.633 поени, што претставува 500 поени помалку во однос на минатата недела, кога имаше 12.133 бодови.

Рускиот тенисер Данил Медведев, кој му нанесе пораз на Џоковиќ во финалето на отвореното првенство во тенис на САД, има 10.575 поени и ја држи втората позиција на листата.

После првите два тенисери на светската АТП ранг листа следуваат Стефанос Циципас и Александар Зверев, а потоа Андреј Рубљов, Рафаел Надал,Матео  Беретини, Доминик Тим, Роџер Федерер и Каспер Руд.


Ѓоковиќ го пропушта Индијан Велс

Новак Ѓоковиќ по поразите на Олимписките игри во Токио и финалето на УС Опен, се чини ја нема потребната самодоверба, пишуваат медиумите од Србија.

Најдобриот тенисер на светот, реши да не настапи на турнирот во Виена, сега „виси“ и настапот на Мастерсот од серијата 1000 во Индијан Велс.

Ѓоковиќ е пријавен за настап на овој Мастерс, но се чини дека и тој ќе го пресконе, не тренира, и не сака нов пораз на вака важен турнир.

Во опција за Ѓоковиќ  до крајот на годината за нови бодови и победи  остануваат турнирите во Париз, завршниот Мастерс  во Торино и Дејвис Купот.


Кирјос најавува крај на кариерата?

Ник Кирјос пред пет години беше 13-ти тенисер на светот и една од најголемите надежи на светскиот тенис, но денес е блиску до испаѓање од топ 100, но се чини и близу до крајот на кариерата.

„Се додека сум на теренот, ќе давам се од себе. Нема да лажам и да кажам дека планирам да играм уште четири или пет години. Тоа не сум јас.“- изјави Кирјос по поразот од Стефанос Циципас на Лејвер Купот.

Иако има само 26 години, тој открива и дел од причината зошто размислува за крај.

„Морам дома. Патував последниве четири и пол месеци, а мајка ми не е добро. Сакам да се вратам и да ја видам. Цел ми е да минам време со семејството. Ова ми е веројатно последниот Лејвер куп, не знам уште колку ќе играм. Сигурно ми е ова последен турнир оваа година, ќе се подготвувам за Австралија Опен.“


Го освои УС Опен, па по 10 дена му даде отказ на тренерот

Ема Радукану го шокираше тенискиот свет откако пред нешто повеќе од 10 дена го освои УС Опен.

Сензационалната 18-годишна Британка стана првата тенисерка во историјата која дошла до гренд слем титула преку квалификациите, а Радукану притоа не загуби ниту еден сет. Играше феноменален тенис, а со неа заедно цело време беше тренерот Ендру Ричардсон. Но, по освојувањето на турнирот, Радукану одлучи да се раздели со Ричардсон и да бара поискусен тренер.

Ричардсон повремено работеше со Радукану, а на пат за Америка со неа го испрати тениската академија во Бромли, во која Британката тренираше. Никој не сонуваше дека таа би можела да оди до самиот крај, но откако тоа го оствари, Радукану заклучи дека и треба друг тренер.

„Во овој стадиум од мојата кариера, во кој играм со најдобрите тенисерки на светот, ми треба некој кој е искусен на ВТА ниво и кој е тука подолго време. Нова сум во овој свет и мислам дека добро би ми дошол некој кој водел тенисерки на највисоко ниво.“ – вели Радукану.

Со освојувањето на УС Опен, Радукану на ВТА листата скокна од 150. на 23. место.


Федерер најави враќање на тениските терени

Роџер Федерер  потврди дека најлошиот дел од неговото опоравување е зад него и дека ќе се врати на тенисот. Кога точно ќе биде тоа, тој незнае , но се знае дека ќе го пропушти остатокот од натпреварот оваа календарска година.

Некогаш најдобриот светски тенисер, за многумина и најдобар на сите времиња, не играше скоро една година поради две операции на десното колено пред да се врати на терените во 2021. година. Одигра само 13 натпревари во него и го оперираше по третпат истото болно место.

„Напредувам, најлошото е зад мене, и со нетрпение го очекувам она што ме чека. Кога ќе се вратите по повредата, секој ден е подобар од претходниот“ – рече Федерер, кој гледа на кам-бекот како на нов „предизвик“.

Тој додаде дека мора да биде трпелив, но дека „со нетрпение го чека моментот кога повторно ќе може да тренира во теретана и на тениско игралиште“.

Освојувачот на 20 грен слем титули во моментов е деветтиот тенисер во светот.


Се случи сензација каква тенискиот свет не памети! (видео)

Во текот на викендот беа одиграни натпревари од Дејвис Купот, а едно од најголемите изненадувања во историјата на тенисот се случи во Буенос Аирес, на натпреварот помеѓу Аргентина и Белорусија.

Првиот натпревар во првата Светска група го играа Диего Шварцман, 15. тенисер на светот, и белорускиот јуниор Данил Остапенков. Заврши со шокантна победа од 6:4, 6:3 за Белорусинот, тенисер кој воопшто нема ранкинг на АТП листата. Коефициентот за победа на младиот тенисер беше 101, а на победа на Шварцман 1.01. Во натпреварот кој траеше час и 38 минути, Остапенков освои 11 поени повеќе, сервираше три аса повеќе и искористи шест од осум прилики за брејк. Белорусинот е 63. јуниор на светот, никогаш не освоил некој посилен јуниорски турнир, никогаш не играл на АТП турнир, а неодамна беше поразен од 804. јуниор на светот.

Аргентинците подоцна ги добија трите наредни натпревари и ја осигураа победата.

https://twitter.com/DavisCup/status/1439255410259660802

Радукану: Заработените пари ќе им ги дадам на моите родители

18-годишната британска тенисерка Ема Радукану, која сензационално победи на Отвореното првенство на САД оваа година, одговори на прашањето каде ќе ги потроши своите 2,1 милиони евра од паричната награда.

„Уште не одлучив. Ќе им ги дадам на моите родители, тие ќе го сфатат тоа. Сеуште немам купено ништо со овие пари. Тенисот е многу скап спорт со оглед на сите патни и други трошоци. Можеби парите ќе бидат потрошени за ова. Да бидам искрена, воопшто не размислувам за пари. Знам дека ќе има многу даноци и други трошоци“, изјави Радукану.

Во решавачкиот натпревар на УС Опен, Радукану ја совлада претставничката на Канада Лејла Фернандез со резултат 6-4, 6-3. Британката ја освои својата прва титула во кариерата. Ема Радукану по победата на УС Опен, напредуваше за 127 позиции и се искачи на 23-то место на ВТА ранг листа.


Ѓоковиќ во солзи – Тешко е да се проголта ваков пораз! (видео)

Русинот Данил Медведев неочекувано лесно со 3:0 го порази Новак Ѓоковиќ во финалето „УС Опен“, последен Гренд слем годинава.

Вториот носител Медведев со идентични 6:4, 6:4 и 6:4 го совлада светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ, а мечот траеше 2 часа и 17 минути.

Ѓоковиќ по овој пораз не успеа да стигне до 21. Гренд слем титула, ниту до четврта во една календарска година од големите турнири.

„Тешко е да се проголта овој пораз, но Данил беше подобар. Имам измешани чувства, сакам да кажам дека, иако не победив, јас сум најсреќен човек на светот, затоа што вие, публиката, направивте да се чувствувам посебно на теренот. Никогаш не сум се чувствувал вака во Њујорк“ – рече Ѓоковиќ.



Надал го санираше стапалото и со патерици ја напушти клиниката

Додека Новак Ѓоковиќ е пред најголемиот натпревар во својата кариера за рекорден 21 грен-слем трофеј, неговиот голем ривал, Шпанецот Рафаел Надал, се бори со повреда на стапалото.

Моментно петторангираниот тенисер во светот и сопственик на 20 грен – слем титули, обзнани денеска дека имал лекарски третман на левото стапало.

Бев во Барселона со својот тим и лекарската екипа и добив третман поради кој ќе морам да мирувам неколку денови, а извесен период и од тениските терени, порача 35-годишниот Надал.

Тој објави фотографии по третманот, кои покажуваат дека шпанскиот тенисер во овој момент има потреба од патерици за да се движи. Ниту Надал, ниту шпанските медиуми, не наведоа за каков третман станува збор и колку долго ќе мора да паузира од тенисот.


Британката Радукану од квалификантка до Грен слем без загубен сет

Ема Радукану го запиша своето име со златни букви во историјата на тенисот, бидејќи стана првата квалификантка која стигна до трофеј на еден грен слем турнир откако го изоде најтешкиот пат.

Во спектакуларното тинејџерско финале на Флешинг Медоус, Британката Радукану покажа далеку подобра игра и концентрација во клучните моменти, па во еден крајно атрактивен меч ја совлада Лејла Фернандез со максимални 2-0.

Осумнаесетгодишната Ема ја победи една година повозрасната Фернандез со 6-4 и 6-3 во женската тениска завршница во Њујорк, но покрај тоа што стигна до својата прва грен слем титула, се погрижи и за историја каква што не се памети во „белиот спорт“.

Радукану е првата Британка која освојува грен слем титула по далечната 1977-ма година и прва квалификантка која ќе ги стави рацете на еден грен слем трофеј, а начинот на кој го направи тоа прави да бидеме сведоци на тениска бајка.