тенис

Ѓоковиќ ќе игра за титулата во Атина

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на АТП турнирот во Атина, откако првиот носител во полуфиналето вечерва рутински го победи Германецот Јаник Ханфман со 6-3, 6-4.

За 38-годишниот Ѓоковиќ, ова е 144. финале во кариерата во која освои точно 100 турнири, од кои 24 на грен слем турнирите.

Оваа година, Ѓоковиќ играше во две финалиња пред Атина. На Мастерсот 1000 во Мајами загуби од младиот Чех Јакуб Меншик, додека ја прослави својата јубилејна 100. титула во мај во Женева.

Ѓоковиќ во финалето на турнирот во Атина ќе игра против победникот од втората полуфинална пресметка меѓу Американецот Себастијан Корда и вториот носител Италијанецот Лоренцо Мусети.


Ѓоковиќ лесно до полуфиналето во Атина

Светскиот тенисер број 5, Новак Ѓоковиќ, вечерва го победи Португалецот Нуно Борхес во четвртфиналето на турнирот во Атина со 7-6/1, 6-4. Мечот траеше 1 час и 45 минути.

Ѓоковиќ сервираше девет аса, направи една двојна грешка и реализираше една од пет брејк топки. Борхес сервираше седум аса, направи една двојна грешка и не реализираше ниту една од две брејк топки.

Триесет и осумгодишниот Србин ќе се соочи со Германецот Јаник Ханфман во полуфиналето на турнирот во грчката престолнина.

Наградниот фонд изнесува 766.715 евра.


Шампионски дуел во Дубаи: Сабаленка ќе се сретне со Кирјос на крајот од годината

Арина Сабаленка ќе игра против Австралиецот Ник Кирјос. Станува збор за новото поглавје од „Војната на половите“ што ќе се одржи на 28 декември во арената „Кока-кола“ во Дубаи.

Помина повеќе од половина век од првата таква средба, сè уште најгледана и најатрактивна, кога Били Џин Кинг го победи Боби Ригс во Хјустон во 1970 година пред повеќе од 30.000 луѓе. Дури околу 50 милиони го гледале тој натпревар на телевизија во Америка и околу 90 милиони низ целиот свет.

Ригс се сметал за најдобар тенисер во светот во текот на четириесеттите години од минатиот век, но во времето на натпреварот имал 55 години, додека Кинг имал 29 години и била најдобра во светот во тоа време.

„Имам голема почит кон Били Џин и кон сè што таа направила за женскиот тенис – рече Сабаленка. – Среќна сум што го претставувам женскиот тенис и што сум учесник во модерната „Битка на половите“.

Најдобрата тенисерка во светот, исто така, истакна дека е задоволна од местото на одржување:

„Дубаи е мој дом и овој град ги сака спектаклите. Имам голема почит кон Ник и кон неговиот талент, но подготвена сум да одиграм најдобро што можам во овој натпревар.

За разлика од Сабаленка, Кирјос е далеку од својата најдобра игра. Поради повреда на зглобот, тој речиси и не играл во последните три години.

Кога светскиот број 1 ве предизвикува, не одбивате. Имам голема почит кон Арина, таа е многу силна и вистински шампион. Но, никогаш не се повлеков од ниту еден предизвик“, кажа Австралиецот.


Ѓоковиќ победи во Атина, но остави дилеми за настапот во Торино

Новак Ѓоковиќ со победа стартуваше на турнирот од серијата 250 во Атина. Заабележа победа над Алехандро Табило со 7-6, 6-1. По мечот одоговри на шпекулациите околу настапот на Завршниот Мастерс во Торино.

Анџело Бинаџи, кој е претседател на Италијанската тениска асоцијација од 2001 година, изјави дека Новак Ѓоковиќ ќе игра на Завршниот турнир во Торино.

Ѓоковиќ на прес конференцијата луто ја коментираше оваа изјава на Бинаџи.

„Не знам од каде тој (Бинаџи) ја добил таа информација, не знам од кого. Сигурно не ја добил од мене или од мојот тим. По завршувањето на овој турнир ќе донесам одлука дали ќе играм во Торино“, рече Ѓоковиќ.

Финалниот Мастерс започнува во недела, 9 ноември, денот по финалето на турнирот во Атина.


Канаѓанката Мбоко го освии турнирот во Хонг Конг

Канадската тенисерка Викторија Мбоко го освои ВТА турнирот од серијата 250 во Хонг Конг, совладувајќи ја попладнево Шпанката Кристина Буска со 7-5, 6-7 (9), 6-2 во финалето кое траеше речиси три часа.

Деветнаесетгодишната Мбоко, чии родители се преселиле во Канада од Демократска Република Конго на нејзини два месеци, ја освои својата втора титула во своето второ финале.

Во август оваа година, светската тенисерка број 21 го освои својот прв ВТА турнир, кога ја победи Јапонката Наоми Осака во финалето на турнирот во Монтреал.

Поразената 27-годишна Буска, која е родена во Молдавија, а од 2015 година настапува за Шпанија, прв пат играше за титулата на турнир од највисоко ниво.


Синер убедливо го освои Париз и се врати на врвот на АТП листата

Италијанскиот тенисер Јаник Синер ја освои титулата на Мастерсот во Париз, откако вечерва во финалето, во два сета, го победи Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим (АТП – 10), со 6-4, 7-6.

Синер до победата дојде за еден час и 53 минути и од понеделник повторно ќе биде тенисер број еден во светот, бидејќи со овој триумф го престигна Шпанецот Карлос Алкараз на АТП листата.

За Синер ова е 23. титула на АТП турнирите во неговата кариера, а петта оваа година.

Италијанскиот тенисер минатата недела го освои турнирот во Виена, а претходно освои два грен слем турнири, Австралија Опен и Вимблдон, а победи и на турнирот во Пекинг.


Синер и Оже-Алијасим ќе играат за титулата во Париз

Италијанецот Јаник Синер и Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим ќе играат во утрешното финале на тенискиот АТП турнир од серијата Мастерс 1000 во Париз.

Синер обезбеди место во финалето, откако вечерва во второто полуфинале без поголеми проблеми го совлада Германецот Александар Зверев од Германија со 6-0, 6-1, кој одлучи да игра и покрај проблемите со глуждот.

За 24-годишниот Синер ова ќе биде деветто финале оваа година, откако освои четири титули, последната пред една недела во Виена.

Претходно освои два грен слем турнири, Австралија Опен и Вимблдон, а триумфираше и на турнирот во Пекинг, додека четири пати загуби во финалињата, на Ролан Гарос и на УС Опен, како и на турнирите Мастерс 1000 во Рим и Синсинати.

Претходно денеска, канадскиот тенисер Оже Алијасим со 2-0 во сетови го совлада Казахстанецот Александар Бублик и се пласираше во своето второ мастерс финале во кариерата.


Зверев последен полуфиналист на Мастерсот во Париз

Германскиот тенисер Александар Зверев е последниот полуфиналист на АТП Мастерсот од серијата 1000 во Париз, откако синоќа по голема борба го победи Русинот Данил Медведев со 2-6, 6-3, 7-6(5).

Зверев до пласманот во полуфиналето во кое ќе игра против Италијанецот Јаник Синер, дојде со пресврт и воедно спаси две меч топки на 4-5 во третиот сет.

Медведев сè уште има голема предност во меѓусебните натпревари против Зверев (14-8), но со победата во Париз, германскиот тенисер ја прекина серијата од пет порази во меѓусебните пресметки.

Полуфиналето меѓу Зверев и Синер ќе биде реприза на финалето од минатата недела во Виена, каде Италијанецот славеше победа по неизвесни три сета.

Во второто полуфинале на Мастерсот во француската престолнина ќе играат Казахстанецот Александар Бублик и Канаѓанецот Феликс Оже Алиасим.


Синер и Медведев се чекираа во четвртфиналето во Париз

Јаник Синер и Данил Медведев обезбедија пласман во четвртфиналето на Мастерсот во Париз. Двајцата во вечерните мечеви постигнаа победи.

Синер без поголеми проблеми со 2:0 во сетови го совлада Франциско Серундоло. Многу потешко до победата стигна Медведев, кој со пресврт стигна до триумф откако Лоренцо Сонего поведе со 1:0 во сетови. Вториот сет во тај брејкот го освои Медведев, кој без поголеми проблеми го доби решавачкиот сет.

Денес во четвртфиналето ќе играат: Валери Вашеро – Феликс Оже-Алисимене, Александер Бублик – Алекс Де Минаур, Бен Шелтон – Јаник Синер, додека Медведев ќе игра со победникот од мечот Зверев – Давидович Фокина.


Николас Маху замина во пензија на 43-годишна возраст

Николас Маху замина во спортска пензија на 43-годишна возраст.

Францускиот тенисер во својата кариера имаше пет трофеи на Грен слем турнирите во двојки од вкупно 37. Дополнително тој има и четири титули на сингл турнири.

Французинот во 2010 година го одигра најдолгиот меч во тениската историја, кога играше неверојатни 11 часа и пет минути, а противник му беше Џон Иснер. Американецот го доби мечот со 70-68 во тај-брејкот на петтиот сет во средба која се играше поделена во три дена.

Само решавачкиот сет се играше осум часа и 11 минути. „Најубавите спомени ми се врзани со Грен слем трофеите. Имав богата кариера, а исто така уживам да зборувам за лудиот меч во 2010 година. Беше неверојатно искуство“, прокоментира Маху.