тенис

Мелбурн во „локдаун“, на сред турнир укината публиката на АО

Австралиската сојузна држава Викторија оди во целосен локдаун. Од вечерва (петок) на полноќ се воведува карантин кој ќе трае до среда, како би се спречило ширењето на британскиот сој на коронавирусот. И покрај тие мерки, тенисот на првиот гренд слем сезонава во Мелбурн продолжува, но без публика на трибините.
Организаторите на турнирот во соопштението потврдија дека на гледачите до среда ќе им биде забранет пристапот на стадионите. Досега, по 30 илјади навивачи дневно можеа да присуствуваат на натпреварите.
Австралија Опен трае до 21. февруари, а публиката веќе беше ограничена на 50 отсто од вообичаениот капацитет.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрус изјави дека британскиот сој на коронавирусот не потекна од хотел во кој се сместени тенисерите.
„Краток, но строг локдаун ќе биде ефикасен. Се работи за најзаразната варијанта на коронавирусот.“ – изјави премиерот.


Ќе го издржи ли грбот на Надал првиот гренд слем сезонава?

Рафаел Надал го совлада Ласло Џере во рамки на првото коло на Австралија Опен, имаше убедливи 3:0, а шпанскиот тенисер се надева дека ќе може да стигне далеку на овој турнир. „Остварив максимална победа и тоа е добро. Секогаш е тешко кога долго време немате одиграно официјален натпревар. Ова е добар почеток, задоволен сум.“ – изјави Надал. Рафа го пропушти АТП купот поради повреда на грбот, а зборуваше и за таа ситуација. „Ситуацијата и понатаму не е идеална, како што реков и пред неколку дена. Денеска не беше сјајно, морав малку да го променам движењето при сервис. Сега ќе имам слободен ден, па нов натпревар. Морам да размислувам позитивно. Ќе се трудам да останам на турнирот, секој ден е се поголема шансата дека ќе се опоравам.“ – вели шпанскиот тенисер.


ВТА турнир со две победнички, за финале немаше време?!

Естонката Анет Контавеит и американката Ан Ли, ја поделија титулата на ВТА турнирот Грампианс Трофи викендов, откако организаторите останаа без време да го организираат финалето. Турнирот требаше да заврши во недела, но еден од вработените во хотелот во кој тенисерките беа сместени во карантин беше позитивен на коронавирус, па сите натпревари планирани во четвртокот беа одложени. Време за финале едноставно не остана, бидејќи веќе денеска на распоредот беа првите натпревари од Австралија Опен. Двете тенисерки ќе примат парична награда и врачен им е трофеј, односно ќе им биде доделена титула, објави ВТА. „Секако, би сакала да го одигравме финалето, но така е како што е, па на еден начин е и убаво да се подели трофејот.“ – изјави Контавеит.

https://twitter.com/Tennis/status/1358273170118045703

Добри вести од Мелбурн, сите тенисери се негативни на КОВИД-19

Сите 507 играчи и вработени на Австралија Опен, кои беа сместени во хотелот во кој работник беше заразен со коронавирус, се негативни на КОВИД-19 и добија одобрение да учествуваат на првиот гренд слем турнир сезонава, изјави директорот на турнирот, Крег Тајли.
„Сите кои се тестираа се негативни. Ова е навистина добар резултат, не само за заедницата, туку и за тенисерите.“ – изјави Тајли.
Сите од хотелот Гранд Хајат мораа на тестирање, откако еден од работниците беше заразен со вирусот. Поради тоа, 160 тенисери и тенисерки, како и тренери, мораа во самоизолација. За среќа, тоа беше само еден ден, додека не се направија тестовите.
Од повеќе од 1.200 играчи, тренери и официјални лица кои долетаа на турнирот, досега се забележани осум заразени со КОВИД-19.
Шпанската тенисерка Паула Бадоса, е единствена од натпреварувачите која се зарази со вирусот, но во средата беше пуштена од хотелскиот карантин.
Државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн, денеска не извести за нови случаи на коронавирус.
Властите одобрија до 30 илјади навивачи дневно на Австралија Опен кој започнува во понеделник, што е околу 50 отсто од капацитетот.


Револуција во Мелбурн, ВТА го „забрзува“ турнирот

Овогодинешниот Австралија Опен во женска конкуренција ќе се игра во малку поразличен облик, со оглед на специфичната ситуација со коронавирусот која ги диктира правилата.
Организаторите на неколку дена пред почетокот на Отвореното првенство на Австралија се одлучија третиот сет да се одигра „забрзано“, односно ќе се игра таканаречен тај-брејк во истиот.
Тоа значи дека доколку дојде до трет сет, тенисерките во значително пократка варијанта ќе го решаваат прашањето на победникот.
Австралија Опен започнува во понеделник, а бранител на титулата во женска конкуренција ќе биде американката Софија Кенин, која минатата година во три сета ја победи Гарбине Мугуруза.


Како изгледа „Бетмобилот“ на Ѓоковиќ вреден 100 илјади долари? (фото)

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го купи најновиот модел на Тесла „Х“, луксузен електричен модел на автомобилот чија цена во основната понуда се движи околу 100 илјади долари.
Тесла „Х“ има пет седишта и 1020 коњски сили. До 100 километри на час забрзува за само 2.5 секунди, а максималната брзина му е 210 километри на час.
Ѓоковиќ е инаку познат како голем почитувач на ликот и делото на Никола Тесла.
Поради необичниот дизајн и начинот на кој се отвораат вратите, љубителите на автомобилот ја нарекоа Тесла „Х“ како „Бетмобил“.


Успешен старт на Србија на АТП Купот

Тениските репрезентации на Србија и Италија почнаа со победи во новото издание на АТП Купот. Србија ја започна одбраната на титулата во АТП купот со победа од 2-1 над Канада. Душан Лајовиќ загуби од Милош Раониќ со 6-3, 6-4, но потоа Новак Ѓоковиќ го совлада Денис Шаповалов со 7-5, 7-5 и успеа да донесе израмнување на 1-1, за Ѓоковиќ и Филип Крајиновиќ во игра на двојки да ги совладаат Раониќ и Шаповалов со 7-5, 7-6 (7-4) и да обезбедат победа за Србија на стартот на тениската сезона.
Во вториот натпревар на денот, Италија ја изненади Австрија совладувајќи ја со 2-1. Во првиот дуел Австријците тргнаа со победа на Новак против Фоњини со 6-3 и 6-2, но следуваше неочекуван пораз на Доминик Тим во дуелот со Беретини 2-6, 4-6. Во решавачкиот дуел во игра на двојки, Тим и Новак беа поразени од Беретини и Фоњини со 1-6, 4-6.


Федерер потврди, познато кога се враќа на теренот

Еден од тројцата најдобри тенисери на денешницата, Роџер Федерер потврди дека на терен се враќа на 8. март, кога стартува АТП турнирот во Доха.
Швајцарскиот ветеран е надвор од терените уште од почетокот на минатата година и полуфиналето на Австралија Опен против Новак Ѓоковиќ.
Кратко потоа го оперираше коленото и од време на време даваше изјави кога евентуално би можел повторно да заигра.
Сега веќе нема дилеми дека тоа ќе биде во Катар во првата половина од идниот месец.
„Размислував долго за тоа кога и каде да се вратам на терен. Турнирите во Австралија дојдоа прерано. Жал ми е, бидејќи сакам да играм таму. Сакав да се вратам на помал турнир, како би чувствувал и помал стрес.“ – вели Федерер.
Швајцарецот го најави и неговиот план за тековната година.
„Сакам да славам големи победи. Подготвен сум за тоа да одам на долг, тежок пат. Ќе се потрудам да играм и на земја, после тоа следат Хале, Вимблдон, Олимписките игри и УС Опен.“ – најави Федерер.
Роџер Федерер во август годинава ќе наполни 40 години. Во кариерата освоил 20 гренд слем титули, а на врвот на АТП листата поминал 310 недели.


Ѓоковиќ брои недели до нов рекорд!

Првиот понеделник во февруари годинава, предизвика насмевка на лицето на Новак Ѓоковиќ, кој ја започна 306. недела на врвот на АТП листата.
Веќе од есента беше јасно дека српскиот ас ќе остане на оваа позиција барем до март во најлош случај, а она што посебно го радува србинот е тоа што сериозно се приближи на Рожер Федерер по бројот на недеил на чело на АТП листата.
Швајцарскиот ветеран го држи рекордот во овој сегмент, бидејќи со 310 недели без прекин оствари најдолга низа во светот на тенисот.
Тоа значи дека на Ѓоковиќ му остануваат уште четири недели до израмнување на рекордот, кој би требало да падне на 8. март.
За потсетување, за седум дена започнува Австралија Опен на кој Ѓоковиќ го брани трофејот, кој го освојуваше во последните две сезони.


Максимално 30.000 гледачи дневно на трибините на Австралија опен

Не повеќе од 30.000 навивачи на ден ќе можат да присуствуваат на натпреварите на Австралија опен, пренесува Ројтерс. Ова го објави министерот за спорт на Викторија, Мартин Пакула. За последните пет дена од турнирот, не смее да има повеќе од 25 илјади гледачи на ден.
За 14 дена на турнирот ќе можат да учествуваат 390 илјади гледачи, што е околу 50% од просечната посетеност во последниве години. Се разбира, ова е различно од она што се случуваше во претходните години. Сепак, ова е најголемиот настан со гледачи во последните месеци, рече Пакула.
За потсетување, претходно стана познато дека околу 70 играчи се во карантин 14 дена во пресрет на турнирот. Тие летаа за Австралија со истите авиони со патници заразени со коронавирус.
Тенискиот Грен слем Австралија опен ќе се одржи во Мелбурн од 8 до 21 февруари.