тенис

Ѓоковиќ пак е број еден на АТП листата

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се врати на врвот на АТП листата!

По краткото владеење на Русинот Данил Медведев, Новак се врати на тронот и ја започна 362-та недела на врвот на светскиот тенис.

Ѓоковиќ сега има 20 бода повеќе од Медведев, кој оваа недела настапува на Мастерсот во Мајами.

Ѓоковиќ не може да губи бодови, бидејќи минатата сезона не играше на овој турнир, додека Русинот треба да брани четвртфинале.

По уште еден одличен резултат, на третото место излезе Шпанецот Рафаел Надал, додека на четвртата позиција падна Александар Зверев.


Фриц го сопре Надал и го освои првиот Индијан Велс

Американскиот тенисер Тејлор Фриц ја освои својата прва мастерс титула во кариерата. Тој во финалето на Индијан Велс успеа да го совлада Рафаел Надал со 2:0 во сетови и му го нанесе првиот пораз сезонава.

Фриц е првиот Американец кој го освои турнирот во Индијан Велс уште од 2001 година кога шампион беше Андре Агаси.

Благодарение на освоените бодови, Тејлор Фриц за прв пат ќе се најде меѓу 15. најдобри тенисери на АТП листата, заземајќи го 13-тото место.


Кирјос: Луд е тој што мисли дека јас сум луд!

Ник Кирјос е мета на критики поради бројните контроверзии на терените, но и надвор од него. Сепак, Австралиецот по елиминацијата од Индијан Велс од Рафаел Надал зборуваше искрено и од срце.

Ретки се случаите кога Кирјос на ваков начин се обраќа до оние кои го критикуваат.

„Мислам дека јас сум од оние кои му помгаат на спортот и му давам повеќе внимание, секој што мисли дека јас сум лош за спортот е луд. Тие луѓе немаат поим и не знаат што зборуваат. Немаат што друго да прават и шират негативна енергија на социјалните мрежи. „Хејтот“ е нешто што може да го погоди секого, долго време влиајеше и врз мене. На Индијан Велс одиграв три навистина добри меча. Победив момче кое во изминатата година имаше 60 победи. Но, на крајот сите ќе паметат дека сум биле елиминиран од Рафа и сум го фрлил рекетот, токму таквите луѓе го уништуваат спортот“, изјави Австралиецот.


Федерер вети донација за војната во Украина

Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, реши да се огласи на Твитер и објасни како планира да им помогне на децата на Украина.

„Моето семејство и јас сме згрозени од сликите што ги гледаме од Украина и нашите срца се скршени поради невините луѓе кои се погодени од сето ова. Ние се залагаме за мир.

Сакаме да им помогнеме на децата во Украина на кои им е потребна грижа, околу шест милиони деца во Украина моментално не се на училиште и знаеме дека ова е критично време за пристап до образование и сакаме да ги поддржиме да се справат со ова исклучително трауматично искуство.

Преку фондацијата Роџер Федерер, сакаме да продолжиме да ја поддржуваме „War Child Holland“ со донација од 500.000 американски долари за да се постигне пристап до континуирано образование за децата од Украина“, напиша Федерер на Твитер.


Ник Кирјос упати извинување за својот испад на Индијан Велс

Австралискиот тенисер Ник Кирјос се извини поради неспортскиот однос по поразот од Рафа Надал на тенискиот турнир во Индијан Велс. Австралиецот го удри својот рекет од подлогата, кој притоа се одби и за малку не го погоди момчето кое ги подава топките. После ова Кирјос доби големи свирежи и негодувања од страна на публиката на мечот.

„Само сакам да му се извинам на ова момче. Тоа беше непријатен инцидент, но бев разочаран од самиот пораз. Мојот рекет отскокна и никогаш немав намера некого да повредам. Мило ми е што момчето е добро“, напиша Кирјос на Инстаграм.


Монфилс: Не е лесно да се гледа сопругата како страда и плаче секој ден

Францускиот тенисер Гаел Монфис забележа победа во третото коло на Индијан Велс – го победи првиот светски тенисер Данил Медведев со 2-1 во сетови.

По натпреварот Монфис зборуваше за својата сопруга, украинската тенисерка Елина Свитолина.

„Не е лесно секоја вечер да се види расплакана и загрижена мојата сопруга, но се трудам да и помогнам да се чувствува подобро. Јас сум тука за неа секој ден. И за нејзиното семејство за кое подеднакво се грижам. Тешко е сето тоа да се опише освен ако не сте дел од тоа на некој начин. Тоа што се случува е лудост“, рече Монфис.

Францускиот тенисер во осминафиналето ќе вкрсти рекети со младиот Карлос Алкараз, кој игра во голема форма.


Револуционерна промена на тениските правила на Грен слем турнирите

Сите четири Гренд слем турнири воведуваат правило за тај-брејк до 10 поени во одлучувачкиот петти сет на едногодишен пробен период, почнувајќи од овогодинешниот „Ролан Гарос“ кој започнува на 22 мај, соопшти Извршниот одбор на четирите најголеми турнири.

Продолжениот тај-брејк ќе се игра при резултат 6-6 во петтиот сет за тенисерите, а во третиот за тенисерките. Ова е историска промена кога станува збор за вториот Гренд слем за годинава, бидејќи досега не е одигран тај-брејк во одлучувачкиот сет во Париз.

„Оваа одлука е донесена врз основа на силна желба да се зголеми конзистентноста на правилата на Гренд слем турнирите. По една година планираме да работиме со ВТА, АТП и ИТФ за да видиме што донесе оваа промена и евентуално трајно да ја воведеме“, соопштија од ИО.


Новак Џоковиќ повторно е прв тенисер на светот

Tенисерот Новак Ѓоковиќ ќе се врати на врвот на АТП листата по само три недели поминати на позицијата број два, откако досегашниот лидер Данил Медведев беше елиминиран во второто коло од Мастерс турнирот во Индијан Велс.

Ѓоковиќ на првото место го врати искусниот француски тенисер Гаел Монфилс, кој славеше против Медведев со резултат 2:1.

Медведев мораше да стигне барем до четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс, за да остане на првата позиција според АТП.

После овој натпревар, Данил Медведев остана на 8.410 поени, додека Новак Џоковиќ има 8.465 АТП поени.


Русија исклучена од Дејвис Купот, на нејзино место ќе игра Србија

Најдобрите тенисери на Србија ќе учествуваат на завршниот турнир на Дејвис купот, кој е закажан за септември, откако го заменија минатогодишниот победник, селекцијата на Русија, која поради политички причини беше исфрлена од турнирот, објавија од Светската тениска федерација (ИТФ) .

Пред тоа Србија доби специјална покана за учество на турнирот, но сега зазема „редовно“ место, додека споменатата „вајлд-карта“ ќе ја добие друга репрезентација.

Одлуката која селекција ќе ја добие поканата ќе биде донесена по завршувањето на квалификациите кои се на програмата на 4 и 5 март, а потоа една од 12-те елиминирани селекции ќе добие можност да ја продолжи борбата за трофејот.

Во квалификациите ќе играат Еквадор, Романија, Финска, Колумбија, Канада, Бразил, Словачка, Унгарија, Норвешка, Јапонија, Чешка и Австрија.


Навивач ја расплака Осака, тенисерката заплака среде терен

Наоми Осака во солзи го заврши мечот на Индијан Велс, откако навивач ја навредуваше и малтретираше. Во раната фаза од натпреварот се слушаа извици од трибините кои целосно ја исфрлија Осака од чекор.

Таа го загуби мечот со 6-0, 6-4 од Вероника Кудерметова, а веќе во вториот гем при 1-0 за Русинката се слушаа извици: „Наоми, ти си с*ање“.

Настана гужва, други гледачи бараа провокаторот да биде исфрлен од трибините.

Осака потоа и пријде на судијата барајќи нешто да се преземе, но и беше дадено објаснување дека не знае кој го направил тоа и затоа не може да реагира.