тенис

Ѓоковиќ доби „зелено светло“ за настап во Монте Карло

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ следниот месец ќе ги започне припремите за одбрана на титулата на Ролан Гарос со настап на АТП Мастерсот во Монте Карло.

Освојувачот на 20 грен-слем титули не настапи на Австралија Опен затоа што не беше вакциниран против ковид-19, а од истата причина не играше на Мастерсот во Индијан Велс.

„Новак својата сезона на земјена подлога ќе ја отвори во Монте Карло каде што два пати ја освојуваше титулата на Мастресот 1000 и тоа во 2013 и 2015 година“, стои во објавата на официјалната страница на Ѓоковиќ.

Во Монако каде што живее Ѓоковиќ може да се влегуваат меѓународни патници со доказ за прележан ковид-19 во последните шест месеци. Ѓоковиќ позитивен според она што се објавуваше поред Австралија Опен бил во декември, па така ќе може да настапи во Монте Карло на турнирот кој се игра од 10 до 17 април.


Зверев: Во Акапулко го имав најлошиот момент во животот

Германскиот тенисер, Александар Зверев изјави дека на турнирот во Акапулко ја направил најголемата грешка во кариерата, кога во излив на бес, со својот рекет удираше по столчето на главниот судија.

Трето рангираниот тенисер во светот, поради инцидентот беше суспендиран од турнирот во Мексико, парично казнет со 40 илјади долари, и доколку направи сличен проблем во наредните 12 месеци, тој ќе се соочи со суспензија во траење од осум недели.

„Сеуште се чувствувам посрамено, меѓутоа сите ние правиме грешки. Можам да гарантирам дека никогаш повеќе во животот нема да се однесувам на тој начин. Тоа беше најлошиот момент во мојот живот“, изјави Зверев.


Ѓоковиќ доби забрана за настап во Мајами и Индијан Велс

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ дефинитивно нема да игра на Мастерсот во Индијан Велс, но и на турнирот во Мајами, бидејќи не добил дозвола за влез во САД откако не е вакциниран, пренесува Танјуг.

Ѓоковиќ се пријави за Мастерсот во Калифорнија, кој го освои пет пати во текот на неговата кариера, беше на ждрепката, но Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) одбија да му издадат дозвола за влез во земјата.

Поради тоа дојде до поместување на ждрепката, па Григор Димитров „падна“ меѓу носителите, а испразнетото место ќе го пополни „среќниот губитник“ од квалификациите.

Мастерсот во Индијан Велс се игра од 10 до 20 март, а наградниот фонд е 8,5 милиони долари.

Самиот Ѓоковиќ се огласи на социјалните мрежи и потврди дека нема да игра ниту во Мајами. Тој призна дека знаел дека имало „мала веројатност да патува“.


Спонзорите му откажуваат „љубов“ на Новак Ѓоковиќ

Откако „Пежо“ го напушти Новак Ѓоковиќ, сега друга компанија би можела да го напушти српскиот тенисер.

„Луцернер цајтунг“ пишува дека „Лакост“ би можел да го напушти Новак.

„Со години „Лакост“ е во сопственост на групата „Маус Фререс“ со седиште во Женева. „Лакост“ е тенис, а е основан во 1933 година од поранешниот француски тенисер Лакост. Од 2017 година, ривалот на Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ е амбасадор на овој култен бренд, а сега има договор до 2025 година вреден 9.000.000 долари годишно“, пренесува споменатиот портал, односно новинарот Бенџамин Вајман.

„Партнерството со Ѓоковиќ не донесе ништо добро во последно време. Поранешниот светски рекет број еден собра негативни наслови поради неговото одбивање да се вакцинира и неговиот имиграциски статус во Австралија. „Маус Фререс“ веројатно би сакал да се потпре на ново лице во реклами“, вели тој во текстот.


Зверев два месеци без тенис по инцидентот во Акапулко

Управниот орган на АТП турнејата го осуди третиот тенисер во светот, Германецот Александар Зверев, на осум недели неиграње поради кршење на рекетот на судиското место на АТП турнирот минатиот месец во Акапулко, поради што беше исклучен од тој турнир.

Зверев е казнет со 20.000 долари за вербална злоупотреба, 20.000 долари за неспортско однесување и повеќе од 31.000 долари заработка од турнирот, како и сите АТП поени заработени во сингл и двојки на турнирот во „Абиерто Мексикано“.

По ревизијата, АТП откри дека 24-годишниот Германец извршил „тешко однесување“ и изрече дополнителна казна од 25.000 американски долари и осумнеделна забрана за учество на било кој АТП натпревар.


Доминик Тим повторно го одложи своето враќање на тениските терени

Некогашниот трет тенисер во светот, Доминик Тим, повторно го одложи своето враќање на терените, и нема да игра на мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.

Австрискиот тенисер, кој беше освојувач на Индијан Велс во 2019 година, сеуште не е доволно подготвен после операцијата од минатата година.

„Тренирав добро последниве неколку недели. Зглобот на раката е во ред, но сепак се одлучив да не учествувам на турнирите во Мајами и Индијан Велс. Се надевам дека мојот кам-бек ќе го имам на турнир со земјена подлога, бидејќи тоа е подлогата на која се чувствувам најдобро. Би сакал да играм во Америка, и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро“, изјави 28-годишниот Тим.


Серена: Ако јас погрешев како Зверев, ќе добиев драконска казна

Серена Вилијамс смета дека постојат двојни стандарди кога во прашање се казнувањата на играчите поради постапките на теренот.

Неодамна Александар Зверев беше дисквалификуван од турнирот во Акапулко затоа што неколку пати го удри рекетот во судиското столче. АТП потоа го казни Германецот со одземање на паричната награда и освоените бодови, третиот тенисер мораше да плати и 40.000 долари.

Тука се беше завршено. Зверев веќе овој викенд се врати на терен во Дејвис Купот.

„Постојат двојни стандарди. Ако јас го направев истото што и Зверев веројатно сега ќе бев во затвор, не се шегувам“, порача Серена.


Федерер се враќа на теренот на крајот од летото или на почетокот на есента

Роџер Федерер изјави дека би требало да се врати на тенискиот терен на крајот од летото или на почетокот на есента. Швајцарецот беше присутен на велеслаломската трка во Ленцерхајде, и притоа кажа дека е оптимист во поглед на иднината.

„Влегувам во фаза во која можам да размислувам за враќање на играњето тенис. Имав добра магнетна резонанца пред неколку недели и тоа ми дава оптимизам. Сега се чувствувам многу подобро, и планирам да започнам со натпревари до крајот на летото или на почетокот на есента. Вистинска одлука беше да паузирам и да се опоравувам после Вимблдон, бидејќи не можев да продолжам да играм поради големи болки во коленото“, потенцира Федерер.


Федерер започна со рекуперација, но мали се шансите да настапи на Вимблдон

Роџер Федерер се уште се опоравува од операцијата на коленото. Закрепнувањето не оди според планот, па голема е веројатноста да го пропушти омилениот турнир – Вимблдон.

Последниот меч го одигра на британскиот Гренд слем кога во четвртфиналето беше поразен од Хуберт Хуркач.

„Уште се опоравува. Не прави само физиотерапија, туку и онаа со мраз. Не само што ги зајакнува мускулите на нозете, туку и на целото тело. Сепак, не можам да кажам дека сум оптимист“, признава Северин Лути, поранешниот тренер на Федерер.

Федерер оваа недела ќе почне да работи со рекетот, спаринг со сопругата Мирка, поранешна тенисерка. Лути, сепак, не дава големи шанси Роџер да игра на Вимблдон.


Санкции, но не и исклучување за руските и белоруските тенисери

Руските и белоруските тенисери ќе можат да играат на турнири организирани од АТП и ВТА, но под неутрални знамиња, објавија тие организации.

Според соопштението, руските и белоруските тенисери до дополнително известување ќе играат во таков статус на Грен слем турнирите. Играчите од Русија и Белорусија ќе продолжат да се натпреваруваат на меѓународните тениски турнири, но ќе мора да играат под неутрални симболи, без знамиња и химни, до понатамошно известување“, се вели во соопштението.

АТП и ВТА претходно го откаж Купот на Кремљ, кој беше закажан за октомври, а Меѓународната тениска федерација го суспендираше членството на Тениската федерација на Русија и Тениската федерација на Белорусија во нејзините органи.