тенис

Шесте најдобри тенисери ќе играат на супер-турнир во Ријад

Најдобрите светски тенисери го потврдија своето учество на овогодинешниот „Six Kings Slam”, кој повторно ќе се одржи во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Овој турнир го има најголемиот награден фонд во светот, но интересно е што не е во официјалниот АТП календар и не носи бодови во генералниот пласман. Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз, Јаник Синер, Тејлор Фриц, Џејк Дрејпер и Александар Зверев го најавија своето присуство, а секој учесник ќе биде награден со сума од 1,5 милиони евра.

За победникот е предвидена „солена“ награда од дури шест милиони евра, што е двојно повеќе од наградите што тенисерите ги добиваат на најпрестижните Грен-Слем турнири.

Овогодинешното издание на турнирот „Six Kings Slam“ ќе се одржи од 15 до 18 октомври. Најголеми фаворити за трофејот ќе бидат Јаник Синер и Карлос Алкараз.


Ѓорческа избори второ коло во Куршумлијска Бања

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа избори пласман во второто коло од ИТФ турнирот во Куршумлијска Бања, Србија. Таа во денешниот меч од првото коло за противничка ја имаше Романката Стефанија Бојика, која во вториот сет го предаде мечот. До моментот на прекин Ѓорческа водеше со 1-0 во сетови и 1-0 во гемови во вториот сет.

Следна противничка на македонската тенисерка ќе и биде Виторија Паганети од Италија (19 години, 499 место ВТА листа), која денеска ја совлада Рада Золотарева со 2-0 во сетови (64 62).

Турнирот во Србија се игра за награден фонд од 30.000 американски долари.


Ѓоковиќ нема да игра на ниту еден турнир до УС Опен

Откако го откажа учеството на „Роџерс Купот“ во Торонто и крена бура со тоа, сега најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, одлучи да не настапи и на најпрестижниот мастерс во сезоната, во Синсинати.

Ова значи дека искусниот 38-годишен тенисер нема да има ниту еден турнир меѓу настапот на трева на Вимблдон и префрлањето на сосема друга подлога на Отвореното првенство на САД, кое ќе почне на 24 август оваа година.

Тој ќе оди во Њујорк директно од одмор. Моментално е во Грција со своето семејство, а според последните информации, таму го преместил и својот турнир, кој досега се играше во Белград и во Бања Лука.

Семејството Ѓоковиќ, пред сè Новак, и неговиот брат Ѓорѓе, кој беше директор на турнирот во Белград во претходните години, играат голема улога во организирањето на турнирот. На тој начин, тие ќе продолжат со својот ангажман во развојот и промоцијата на тенисот, овој пат на територијата на Грција.

По овој повод, официјалната веб-страница на Здружението на тенисери не го криеше своето задоволство што главниот град на Грција повторно ќе биде домаќин на тениски турнир, прв по 1994 година.


Ѓоковиќ го сели АТП турнирот од Белград во Атина

Serbia’s Novak Djokovic celebrates after winning against Russia’s Andrej Rublev during their singles tennis match of the ATP World Tour Finals, at the Pala Alpitour in Turin, Italy, Wednesday, Nov. 16, 2022. (AP Photo/Antonio Calanni)

Грчката агенција SDNA носи бомбастична вест, Новак Ѓоковиќ одлучил да го премести турнирот од АТП серијата 250 во Атина во договор со Панатинаикос и тој ќе се одржи во ОАКА Арената, според извештаите од Грција.

Пред неколку недели, делегација на АТП ја посетила салата каде што игра Панатинаикос и направиле увид пред да донесат одлука за преместување на турнирот од Белград, пренесе Телеграф.

Турнирот треба да се одржи од 2 до 8 ноември, а Евролигата е информирана за сè, со цел да се организира Панатинаикос да игра во други сали во текот на ноември додека се одржува турнирот.

Интересно е што турнир од АТП серијата не се одржал во Атина од 1994 година.

Новак Ѓоковиќ моментално е на одмор во Грција, каде што беше на островите Миконос и Парос, а интересно е што присуствувал на литургија во грчка црква со премиерот Киријакос Мицотакис.


Калин Ивановски се повреди и го заврши настапот во Куршумлијска Бања

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со пласман во четвртфиналето го заврши турнирот во Куршумлијска Бања, Србија.

Тој против првиот носител Свјатослав Гулин го предаде поради повреда во вториот сет при резултат 1-0 во сетови за противникот и 3-1 во гемови во вториот сет.

Во првиот сет по 1-1 во гемови првиот носител Гулин направи серија од пет гема и го освои сетот со 6-1.

Во вториот сет Ивановски поведе со 1-0, но потоа Гулин имаше три гема за 3-1 и во петтиот гем по еден одигран поен Ивановски се повлече од мечот. Ивановски и следната недела е пријавен за настап на турнир во Куршумлијска Бања.


Бушар ја заврши тениската кариера

Поранешната тенисерка број 5 во светот, Ежени Бушар го одигра последниот натпревар во кариерата.

Триесет и едногодишната Канаѓанката ноќеска загуби од 20-тата тенисерка во светот, Белинда Бенчиќ, во натпреварот од второто коло на турнирот во Монтреал – 2:6, 6:3, 4:6.

„Пораснав играјќи на овие терени, гледајќи го овој турнир. Тенисот ми даде толку многу. Вечно сум благодарна на овој спорт и на сите што беа со мене на овој пат. Сакам да им се заблагодарам на мајка ми, татко ми, сестрите и брат ми за нивните жртви. Сакам да знаете дека кога публиката навиваше за мене, навиваше и за вас. Без вас, не би била тука“, рече Бушар во солзи веднаш по мечот со бенчиќ.

Бушар беше финалистка на Вимблдон во 2014 година и поранешна тенисерка број 5 во светот.

Во текот на својата кариера, таа освои една ВТА титула во сингл и една ВТА титула во двојки, како и трофејот во „Били Џин Кинг“ во 2023 година.


Григор Димитров ќе го пропушти УС Опен

Бугарскиот тенисер Григор Димитров нема да игра на Отвореното првенство на САД, кое започнува на 24 август.

„TennisKafe“ оваа информација ја соопшти повикувајќи се на менаџерот на Бугаринот.

Димитров продолжува да заздравува по повреда на градниот мускул и се надева дека ќе се врати во азиската серија.

Претходно, Димитров се откажа од четвртото коло на Вимблдон, водејќи го Јаник Синер со 2:0 во сетови. Во третиот сет, при резултат 2:2, сервираше ас, потоа седна на теренот и се фати за десната страна на градите и не можеше да го продолжи мечот.


Тони Надал одби да го тренира Зверев

Чичкото на Рафаел Надал, Тони Надал, нема да биде новиот тренер на германскиот тенисер Александар Зверев, објави во четврток „Спорт Билд“.

Надал постариот, според весникот, ја одбил понудата, наведувајќи дека нема време. Имено, тој ја води тениската академија на Рафа во Мајорка, е директор на турнирот на тој остров и држи предавања, па затоа не може редовно да го следи Зверев на турнири.

Третопласираниот играч на АТП листата неодамна беше елиминиран во првото коло на Вимблдон, а во последните денови тренираше во академијата на Надал.

Медиумите шпекулираа и дека Рафаел Надал би можел да преземе советничка улога во тимот на Зверев.


Иванишевиќ не е повеќе тренер на Циципас

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас објави дека ја прекинал соработката со тренерот Горан Иванишевиќ.

„Работата со Горан Иванишевиќ траеше кратко, но интензивно и навистина е вредно поглавје во мојот живот. Благодарен сум за времето, трудот и енергијата што ми ги посвети.

Нашите патишта се разделуваат и немам ништо друго освен почит кон Горан. Не само за неговите достигнувања во тенисот, туку и за неговите човечки квалитети“, напиша Циципас на социјалните мрежи.

Циципас и Иванишевиќ започнаа соработка на 29 мај.

Педесет и тригодишниот Иванишевиќ, работеше со Новак Ѓоковиќ од 2019 до 2024 година. Тој ги тренираше и Марин Чилиќ, Томаш Бердих, Милош Раониќ и Елена Рибакина.

Циципас е рангиран на 29. место на АТП ранг-листата.


Македонските тенисери отпатуваа на Европскиот шампионат во Мост

Четири македонски тенисери и тенисерки (две девојчиња и две момчиња) се учесници на Европското првенство до 14 години што се одржува во Мост, Чешка. Во машка конкуренција настапуваат Марко Алексовски и Алексеј Стојановски, додека кај девочињата настап имаат: Деа Крстевска и Ивана Божиновска.

На стартот од шампионатот Марко Алексовски оствари победа против Ник Вирц од Лукесмбург со убедливи 2-0 (6-1, 6-2), додека во следната рунда во третото коло во неизвесен меч е елиминиран од петтиот носител Лоренс Драјвер од Холандија со 2-0 во сетови (6-2, 7-6). Алексеј Стојановски во првиот меч дожеа пораз од 2-0 во сетови од Алексндар Бисеров од Швајцарија.

Кај девојчињата Божиновска и Крстевска беа слободи на стартот, а во следната рунда претрпеа порази. Крстевска загуби со 2-0 во сетови од Марија Магро, додека Божиновска беше поразена од Викторија Хомутова од Летонија со истиот резултат.

Стојановски како и двете тенисерки Крстевски и Божиновска продолжуваат со мечевите на утешниот турнир. Од нив во првата рунда ќе настапи само Крстевска која за протвничка ја има тенисерката од Италија, Викторија Лантерни Монако, додека Стојановски и и Божиновска се слободни. Алексовски поради победата во второто коло нема право на настап на утешниот турнир.

Во конкуренција на двојки Алексовски и Стојановски ќе играат против тенисери од Грузија, додека Божиновска и Крстевска за противнички имаат тенисерки од Словачка. Двата меча во конкуренција на двојки се закажани за денеска, но подоцна на програмата, слично како и мечот на Крстевска на утешниот турнир.

Настапот на Европскиот шампионат е корисно за секој од младите македонски тенисери особено што имаат можност покрај мечевите на терен да добијат и меѓународно искуство со присуството на настанот, но и да почувствуваат настап во репрезентативниот дрес на Македонија. Но не е само тоаимаат и заеднчки дружби надвор од тениските терени и секако можност за нови пријателства.

Во улога на селектор со оваа генерација тенисери и тенисерки е Владимир Чубриновски.