тенис

Сабаленка лесно ги прескокнува пречките во Синсинати

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка синоќа ја победи Шпанката Џесика Бусас Манеиро во натпреварот од четвртото коло на турнирот во Синсинати — 6-1, 7-5.

Првиот светски рекет го доби мечот за 81 минута.

Дваесет и седумгодишната Белорусинка сервираше четири аса, направи една двојна грешка и реализираше пет од седум брејк топки. Нејзината противничка имаше два аса, четири двојни грешки и две реализирани брејк топки од седум шанси.

Во четвртфиналето, Сабаленка ќе игра против Елена Рибакина од Казахстан.

Наградниот фонд на турнирот во Синсинати, САД изнесува 5,2 милиони долари.


Ѓорческа ќе игра четвртфинале на турнирот во Србија

Лина Ѓорческа избори пласман во четвртфиналето на турнирот во Куршумлијска Бања. Нејзината ривалка Дарја Астахова го предаде мечот во вториот сет при водство на Ѓорческа од 1:0 во сетови и 2:0 во гемови во вториот сет.

Голема борба имаше во завршницата на првиот сет, кога Ѓорческа испушти предност од 5:2 во гемови, но сепак успеа да го добие тај брејкот со 8:6 на поени. По водството од 2:0 во гемови во вториот сет противничката го предаде мечот поради повреда.

Утре во четвртфиналето македонската тенисерка ќе игра против Аурора Ѕантедески, која со 2-1 во сетови ја совлада петтата носителка Португалката Матиле Жорге.


Ѓоковиќ доаѓа на УС Опен без ниту еден турнир

На Мастерс турнирите во Торонто и Синсинати се забележа голем број откази од страна на врвни тенисери и тенисерки, што го загрозија нивниот статус како главна подготовка за Грен слем турнирот во Њујорк.

Директорот на Мастерсот во Торонто, Карл Хејл, изјави дека Новак Ѓоковиќ и Скот Дрејпер го пропуштија турнирот поради повреди, што според него не претставува проблем. Но, отсуството на други ѕвезди како Карлос Алкараз, Јаник Синер и Арина Сабаленка ја создава непријатна ситуација која не е за поздравување. Хејл потенцира дека играчите треба да имаат целосен увид во значењето на турнирите и да размислуваат за „целата слика.

Интересен е и фактот дека кога Ѓоковиќ во минатото пропуштал Мастерс турнири, не успевал да освои титула на УС Опен, што го прави неговото отсуство од овие подготовки особено забележливо.


Паула Бадоса нема да настапи на УС Опен

Шпанската тенисерка Паула Бадоса го откажа настапот на последниот Грен слем турнир во годината УС Опен поради повреда. Организаторите соопштија дека Бадоса откажува поради болки во долниот дел на ’рбетниот столб.

Шпанската тенисерка која играше полуфинале на Австралија Опен годинава, нема настап од првото коло на Вимблдон кога беше елиминирана.

Таа слични проблеми имаше и пред две години кога мораше да го пропушти Грен слем турнирот во Њујорк.

УС Опен ќе се игра на терените на Флешинг Медоу од 25.август до 7.септември. /МИА


Ѓорческа се избори за полуфинале во Куршумлијска бања

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа се пласираше во полуфиналето на В35 фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања, Србија.

Ѓорческа беше сигурна против ривалката од Русија, Ксенија Зајцева и со 2-0 во сетови за 95 минути го реши четвртфиналниот дуел. Ѓорческа го доби првиот сет со 6-1, иако ривалката отвори со брејк.

Слично беше и во вториот сет, Зајцева загуби гем на свој сервис, а потоа направи брејк за израмнување. Ѓорческа веднаш ја врати предноста и во седмиот гем одново со брејк се доближи до победата. Лина Ѓорческа стигна до 692 во вториот сет и победа на оваа средба. Во полуфиналето Лина Ѓорческа ќе игра против Астакова од Русија.


Ѓорческа лесно во четвртфиналето во Куршумлијска бања

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во четвртфиналето на ИТФ турнирот во Куршумлијска Бања, Србија.

Ѓорческа во мечот од второто коло денес ја совлада Виторија Паганети од Италија со 2-0 во сетови (6-3, 6-4). Во четвртфиналето за противник ќе ја има Ксенија Зајцева.

Лина Ѓорческа во првиот сет имаше негатива во дуелот со Паганети, но сепак го доби со 6:3, а во вториот сет имаше постојана предност и го доби сетот со 6:4, за победа од 2:0 и пласман во следната рунда.

Против утрешната противничка Ксенија Зајцева која настапуваше и во квалификациите, Ѓорческа има една победа во единствениот досега одигран меч.


Зголемен наградниот фонд на УС Опен

Рекордни пет милиони долари ќе добијат најдобрите на претстојното Отворено првенство на САД. Секако, оваа премија важи за шампионите во поединечна конкуренција во обете натпреварувања.

Во споредбата со минатата година, наградата за шампионите е значително повисока, ако се знае дека лани Арина Сабаленка и Јаник Синер добија по 3,6 милиони долари, па годинашново зголемување е во висина од дури 39 проценти.

Вкупниот награден фонд ќе изнесува 90 милиони долари, од кои околу една третина ќе бидат платени за даноци. Финалистите во сингл ќе добијат по 2,5 милиони долари, а победниците во двојки и мешани двојки по 1 милион долари


Шесте најдобри тенисери ќе играат на супер-турнир во Ријад

Најдобрите светски тенисери го потврдија своето учество на овогодинешниот „Six Kings Slam”, кој повторно ќе се одржи во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Овој турнир го има најголемиот награден фонд во светот, но интересно е што не е во официјалниот АТП календар и не носи бодови во генералниот пласман. Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз, Јаник Синер, Тејлор Фриц, Џејк Дрејпер и Александар Зверев го најавија своето присуство, а секој учесник ќе биде награден со сума од 1,5 милиони евра.

За победникот е предвидена „солена“ награда од дури шест милиони евра, што е двојно повеќе од наградите што тенисерите ги добиваат на најпрестижните Грен-Слем турнири.

Овогодинешното издание на турнирот „Six Kings Slam“ ќе се одржи од 15 до 18 октомври. Најголеми фаворити за трофејот ќе бидат Јаник Синер и Карлос Алкараз.


Ѓорческа избори второ коло во Куршумлијска Бања

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа избори пласман во второто коло од ИТФ турнирот во Куршумлијска Бања, Србија. Таа во денешниот меч од првото коло за противничка ја имаше Романката Стефанија Бојика, која во вториот сет го предаде мечот. До моментот на прекин Ѓорческа водеше со 1-0 во сетови и 1-0 во гемови во вториот сет.

Следна противничка на македонската тенисерка ќе и биде Виторија Паганети од Италија (19 години, 499 место ВТА листа), која денеска ја совлада Рада Золотарева со 2-0 во сетови (64 62).

Турнирот во Србија се игра за награден фонд од 30.000 американски долари.


Ѓоковиќ нема да игра на ниту еден турнир до УС Опен

Откако го откажа учеството на „Роџерс Купот“ во Торонто и крена бура со тоа, сега најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, одлучи да не настапи и на најпрестижниот мастерс во сезоната, во Синсинати.

Ова значи дека искусниот 38-годишен тенисер нема да има ниту еден турнир меѓу настапот на трева на Вимблдон и префрлањето на сосема друга подлога на Отвореното првенство на САД, кое ќе почне на 24 август оваа година.

Тој ќе оди во Њујорк директно од одмор. Моментално е во Грција со своето семејство, а според последните информации, таму го преместил и својот турнир, кој досега се играше во Белград и во Бања Лука.

Семејството Ѓоковиќ, пред сè Новак, и неговиот брат Ѓорѓе, кој беше директор на турнирот во Белград во претходните години, играат голема улога во организирањето на турнирот. На тој начин, тие ќе продолжат со својот ангажман во развојот и промоцијата на тенисот, овој пат на територијата на Грција.

По овој повод, официјалната веб-страница на Здружението на тенисери не го криеше своето задоволство што главниот град на Грција повторно ќе биде домаќин на тениски турнир, прв по 1994 година.