кошарка

Богдановиќ има скршена коска во коленото, го чека подолга пауза

Повредата на српскиот кошаркар од екипата на Атланта е сериозна и тој ќе мора подолго време да биде надвор од кошаркарските терени. Богдан Богдановиќ, доживеа тешка повреда на коленото на мечот со Шарлот, а според последните медицински наоди, тој има фрактура на коска во десното колено. Ваквата фрактура не бара оперативен зафат, но рехабилитацијата може да трае и до шест месеци. Сега останува да се почекатаат новите лекарски прогнози, по извесен период од повредата, сметаат експертите. Богдановиќ пред почетокот на сезоната се преслеи од Сакраменто во Атланта за четиригодишен договор вреден 76 милиони долари.


Погледнете каков неверојатен кош е постигнат во Шпанија

Во 17. коло од шпанската лига, Бургос како гостин славеше против Бетис со резултат 85:76, а на тој натпревар е постигнат неверојатен погодок. Пред крајот на третата четвртина при водство на Бургос од 62:59, кошаркарот на Бетис Џером Рендл имаше три секунди да шутира под притисок на противнички играч. Од скоро невозможна позиција, шутираше со една рака преку целиот терен и погоди за израмнување. Бетис по 18 одиграни натпревари е на 17. место со скор 4-14, додека Бургос е петти со 13 победи.


Ламело Бол стана најмладиот НБА играч со трипл-дабл учинок

Ламело Бол стана најмладиот играч во историјата на НБА кој остварил трипл-дабл учинок, па така го „присвои“ рекордот кој некогаш го држеа неговиот постар брат Лонзо и Леброн Џејмс.
Во победата на Шарлот над Атланта, Бол постигна 22 поени со 12 скокови и 11 асистенции, па со 19 години и 140 дена го презеде рекордот од Маркел Фулц, кој до првиот трипл-дабл стигна на 19 години и 317 дена.
Бол имаше прилика да го сруши овој рекорд и претходниот ден во натпреварот против Њу Орлеанс, но остана краток за една асистенција.
Иако Лука Дончиќ во своите први две сезони беше синоним за трипл-дабл, тој никогаш не го држеше рекордот за најмлад играч со таков учинок. Кога го оствари својот прв трипл-дабл, тој беше 10 дена постар од Маркел Фулц.
Тие двајца, заедно со Бол се единствените кои успеале во овој потфат како тинејџери.


Французинот Вестерман потпиша за Барселона

Барселона ги засили своите редови со 28-годишниот плејмејкер, Лео Вестерман. Вестерман се договори со каталонците и ќе го носи овој дрес до 30 јуни 2022 година. Неговата задача ќе биде да помогне во организацијата на нападите со оглед на тоа што во изминатиов период голем товар падна врз Калнеитис со оглед на тоа што клубот одлучи да не смета на Ертел со кого имаше и една непријатна епизода во Истанбул. Квалитетите на Лео многу добро му се познати на тренерот Шарунас Јасикевичиус со оглед на тоа што двајцата соработуваа во Жалгирис во сезоните 2016/17 и 2018/19. Французинот има одиграно 139 мечеви во Евролигата за Партизан, Лимож, Жалгирис, ЦСКА Москва и Фенербахче со просек од 6,6 поени.


Тајс го напушти Макаби и потпиша за Реал Мадрид

Шпанскиот прволигаш Реал Мадрид од денеска официјално е посилен за искусниот американски центар Алекс Тајс. „Кралевите“ одлучија да се активираат на пазарот по тешката повреда на Ентони Рендолф и изборот падна врз 32-годишниот Тајс кој веќе долго време игра во Европа и нема да му биде потребно да се прилагоди на условите, правилата на стариот континент. Тајс во Реал Мадрид доаѓа од Галатасарај каде имаше просек од 8,3 поени, 4 скокови и 1, 7 скокови во Евролигата. Договорот на Алекс кој може да ги покрие позициите четири и пет е до крајот на сезоната.


Јокиќ со феноменална партија влезе во историјата на НБА!

Никола Јокиќ оствари историски подвиг со својот учинок во победата на Денвер над Минесота со 123:116. За 36 минути на паркетот, Јокиќ одигра практично совршен меч. Постигна 35 поени со одличен шут од игра 12/20, додека слободни фрлања погодуваше 10/12. Освен тоа што беше најдобар стрелец, со 15 скокови беше и најдобар скокач на натпреварот. Големата партија ја заокружи со шест асистенции, три украдени топки и една блокада. Јокиќ стана само вториот играч во историјата на НБА лигата кој во првите седум натпревари од сезоната имал учинок од 150 поени и по 75 скокови и асистенции. Единствен на кого тоа му успеало освен него е Оскар Робертсон. Меѓутоа, Јокиќ е првиот кошаркар на кого тоа му успеало уште од 1963. година.


Димитријевиќ и Хувентуд со пораз ја почнаа новата година

Веднаш по новогодишните празници во Ендеса лигата се играа натпреварите од 18. коло. А во првиот меч од новата, 2021 година, кошаркарите на Хувентуд го пречекаа евролигашот Валенсија. И не поминаа добро „зелено-црните“ во првите 40 минути од новата година. Гостите стигнаа до убедлива победа (91-80), и ги поминаа на табелата во Ендеса лигата. Ненад Димитријевиќ одигра нецели девет минути во кои реализираше скромни два поени. Погоди еден од двата обиди за два поени. Ова беше вкупно 17. натпревар за Хувентуд во најсилната европска лига. Сега „зелено-црните“ се на ефект од 10 победи и 7 порази со кои се на седмото место во Ендеса лигата.


Барнет потпиша за МЗТ Скопје Аеродром

Американскиот кошаркар Доминез Барнет од денес е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша договор со клубот со важност до крајот на сезоната.
Станува збор за искусен бек-шутер, кој од 2016 година настапува како професионалец во Европа, а претходно бил дел од Девенпорт Универзитетот во НЦАА-лигата. Прв европски клуб му е Пардубице, каде што одигра една ипол сезона во која беше најдобар стрелец во првенството во Чешка. Поради тоа, во јануари 2018 година неговиот договор беше откупен од летонски Вентспилс, со кого ја освои шампионската круна. Потоа го носеше дресот на италијанскиот тим Универсо Тревисо со кој беше првак во Серија А2, по што се пресели во силната ВТБ-лига и белорускиот тим Цмоки од каде што доаѓа во МЗТ Скопје Аеродром.
Барнет ќе ја пополни празнината по заминувањето на Тодрик Гочер во Грција, од каде што тимот на Месолонги ја плати откупната клаузула во износ од 15.000 евра. Неговото доаѓање во Македонија се очекува во текот на неделата, со цел навремено да биде регистриран за настап на вториот турнир од АБА2-лигата во Бања Лука, кој почнува на 18 јануари.


Проблем за НБА, се појави позитивен тест!

Според пишувањата на американските медиуми, се појави позитивен резултат на тестирање на коронавирус спроведено во Лос Анџелес Клиперс.
Неколку членови на овој клуб се во карантин во Солт Лејк Сити, но во прашање не се играчи, според првите информации.
Анализирајќи ги контактите на заразениот, се дојде до заклучок дека на новогодишната вечер во еден апартман во тимскиот хотел присуствувал заразениот, каде маските се носеле „од време на време“. Дури осум играчи присуствувале на таа вечера.
Проблемот би можел да настане доколку вирусот биде пронајден кај некој од играчите. НБА лигата тогаш би била во голем проблем, бидејќи натпреварите би морале да се одложуваат.


Нов блесок на Јакимовски во НЦАА лигата

Македонскиот кошаркар Андреј Јакимовски продолжи со одличните настапи во НЦАА-лигата во САД. Сепак, Јакимовски не успеа да му помогне на Вашингтон Стејт, кој за првпат загуби сезонава од Аризона со 82-86. Јакимовски постигна 15 поени, осум скокови и една асистенција и така потврди дека ќе биде квалитетен кошаркар за екипата од Вашингтон.