кошарка

Јокиќ повторно избран за МВП на НБА лигата

Кошаркарот на Денвер Нагетс Никола Јокиќ е најкорисен играч во
НБА за сезоната 2023/2024. Јокиќ доби 926 гласови (79 први места),
второто место го зазеде Шеј Гилџис-Александер од Оклахома Сити
Тандер со 640, а трет беше Лука Дончиќ од Далас Маверикс со 566.
Јокиќ трет пат во последните четири сезони ја освои наградата за
МВП, додека минатата година, според многумина незаслужено,
трофејот „Мајкл Џордан“ му припадна на Џоел Ембиид од
Филаделфија.
Центарот на актуелниот НБА шампион е прогласен за најдобар играч
на финалната серија минатата сезона.
29-годишниот играч оваа сезона блеска и во лигашкиот дел од
натпреварувањето имаше просек од 26,4 поени, 12,4 скока и девет
асистенции.
Мозес Мелоун, Лери Бирд и Меџик Џонсон имаат по три МВП
титули, Вилт Чембрлен и Леброн Џејмс имаат една повеќе, Бил Расел
и Мајкл Џордан освоија по пет, додека Карим Абдул Џабар е
неприкосновен со седум.


Клеј Томпсон пред потпис со Орландо Меџик

Орландо Меџик сака да се засили сериозно за следната сезона. Прво
име на листата желби е Клеј Томпсон.
Фантастичниот шутер на Голден Стејт иако има 34 години, сепак
може многу да придонесе во офанзивниот дел од тимот.
Делува дека по 14 сезони Томпсон е на излезните врати на Вориорси
и ќе менува средина.
Повеќето угледни новинари во САД потврдија дека интересот е
обостран. Останува да видиме дали челниците на Орландо и Томпсон
ќе пронајдат заеднички јазик за финансиските услови.


Гобер најдобар дефанзивец во НБА лигата

Руди Гобер по четврти пат во кариерата е прогласен за најдобар одбранбен играч на сезоната во НБА лигата. Кошаркарот на Минесота освои 433 гласови, а неговиот сонародник Виктор Вембањама, најдобриот дебитант во елитното натпреварување, беше втор со 245.

На третото место се пласираше Бем Адебајо од Мајами, пред Ентони Дејвис од ЛА Лејкерс и Херб Џонс од Њу Орлеанс.

Со своето четврто признание Гобер се израмни со НБА легендите Дикембе Мутомбо и Бен Валас.


Скариоло останува селектор на Шпанија уште четири години

Серџо Скариолo го продолжи договорот со шпанската кошаркарска репрезентација и ќе остане нејзин селектор до 2028 година, соопштено е денеска.

Скариоло е селектор на Шпанија од 2009 година, со двегодишна пауза од 2013 до 2015 година.

Со репрезентацијата на Шпанија, Скариоло ја освои титулата светски шампион (2019) и четири титули европски првак (2009, 2011, 2015 и 2022 година), како и два олимписки медали, сребро на Игрите во 2012 година и бронза во 2016 година.

Кошаркарите на Шпанија сè уште не се пласирале на Олимписките игри во Париз и тоа ќе се обидат да го постигнат на квалификацискиот турнир кој од 2 до 7 јули ќе се игра во Валенсија.


Џејсон Кид доби нов договор како тренер на Далас

Далас Маверикс потпиша нов повеќегодишен договор со својот досегашен тренер Џејсон Кид, кој е на нивната клупа од летото 2021 година, јавија американските медиуми.

Во две од трите сезони поминати на клупата на Далас, Кид постигна 50 или повеќе победи во една сезона (52 во сезоната 2021/22 и 50 во тековната сезона) и во двата наврати тимот влезе во плеј-офот и го помина првиот круг.

Пред две години стигна до финалето на Западот, а годинава ќе игра во второто коло против Оклахома Сити, додека минатата сезона тимот потфрли со скор од 38-44.

„Возбудени сме што тренерот Кид ќе продолжи да го води нашиот тим и во наредните години благодарение на заслуженото продолжување на договорот, изјави мнозинскиот сопственик на Далас, Патрик Думонт.


Димитријевиќ ќе го менува Уникс со Милано

Познатиот италијански новинар Андреа Калцони во ексклузивна вест вели дека нашиот најдобар кошаркар и актуелен член на Уникс Казан, Ненад Димитријевиќ, својата кариера ќе ја продолжи во Олимпија Милано.

„Ненад Димитријевиќ ќе биде второто засилување (после Џош Небо) за следната сезона. Договор на три години за македонскиот плејмејкер“, објави новинарот на социјалните мрежи.

Станува збор за клуб кој редовно настапува во Евролигата, а сезонава во регуларниот дел заврши на 12-тото место.

Популарниот Нено сезонава покажува одлични игри во дресот на рускиот клуб и беше избран за МВП во регуларниот дел на сезоната. 


Бојан Богдановиќ нема да игра за Хрватска во олимписките квалификации

Хрватската кошаркарска репрезентација се подготвува за квалификацискиот турнир за Олимписките игри, но „коцкестите“ би можеле да допатуваат во Атина значително ослабени поради отсуството на една од најголемите ѕвезди во тимот.

Се работи за искусниот шутер Бојан Богдановиќ, кој заработил повреда на левото стапало и најверојатно ќе мора веднаш да замине на операција, јавија хрватските медиуми.


Ларкин се премисли, и догодија ќе игра за Ефес

Шејн Ларкин ќе остане во клубот од Истанбул иако договорот со турскиот гигант му истекува на крајот на јуни.

Се додава дека ја прифатил понудата од Ефес и дека ќе биде нивни играч во следните три сезони, иако наводно имал подобра понуда од Фенербахче, градскиот ривал.

Фенербахче му понуди 11,5 милиони евра нето за три сезони, а понудата на Ефес е околу 10,5 милиони исто така за истиот период, но Ларкин реши да остане и да го поддржи новиот проект кој ќе има нов тренер и неколку нови играчи кои ќе дојдат ова лето.


Марк Дејно е тренер на годината во НБА лигата

Предводникот на Оклахома Сити, Марк Дејно е прогласен за тренер на годината во НБА, објави најсилната кошаркарска лига на светот.

Триесет и деветгодишниот Американец во гласањето доби 473 поени. На првото место Дејно го поставија 89 од 100 испитаници.

Втор е главниот тренер на Орландо меџик, Џамал ​​Мозели, со 158 поени. Тренерот на Минесота, Крис Финч, заврши на третото место со 105 поени. Оклахома регуларниот дел од сезоната го заврши на првото место во Западната конференција со 57 победи и 25 порази.

Во првото коло од плејофот екипата на Оклахома води со 3-0 против Њу Орлеанс во серијата прв до четири победи.


Наз Рид е најдобар шести играч во сезоната во НБА лигата

Кошаркарот на Минесота, Наз Рид е прогласен за најдобар шести играч во НБА, објавено е денеска на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

Рид сезонава имаше просек од 13,5 поени и 5,2 скока на 81 натпревар. Тој играше на 67 натпревари од клупата, заменувајќи ги Руди Гобер и Карл Ентони Таунс.

Во соопштението на НБА беше наведено дека Рид добил 352 гласа, додека второто место го освои кошаркарот на Сакраменто Малик Монк со 342. Третопласиран беше кошаркарот на Милвоки Боби Портис, кој освои 81 глас, додека играчот на ЛА Клиперс, Норман Пол, заврши на четвртата позиција со 65.