feature

Најскапиот играч на светот вреди 165 милиони евра, Мбапе дури петти!

Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС) ја објави најновата листа на најскапи фудбалери на светот. ЦИЕС својата листа ја темели на неколку параметри, како годишна возраст, траење на актуелниот договор, индивидуални резултати, резултати и статус на клубот. Според тие услови, најскап играч на светот е Маркус Рашфорд кого ЦИЕС го проценува на 165 милиони евра. На второ место е Ерлинг Халанд, кој вреди 151,3 милиони, а третото место го држи Трент Александер-Арнолд кој е проценет на 151,2 милиони евра. Лионел Меси и Кристијано Роналдо не се ниту во првите десет. Цената на Рашфорд драстично порасна годинава, со оглед на тоа што веќе има 14 погодоци и 7 асистенции, а Јунајтед по подолго време е во борба за титула. Рашфорд има договор со клубот до 2023 година со опција за продолжување на уште една година, што дополнително му ја зголемува цената. Четвртото место му припадна на Бруно Фернандеш, а Килијан Мбапе е дури петти со 148,8 милиони евра. Цената би била далеку повисока, но Мбапе се уште нема потпишано нов договор, па тоа според параметрите на ЦИЕС, му ја руши вредноста.


Двата најголеми англиски гиганти во битка за Ибрахима Конате

Ливерпул и Манчестер Јунајтед се силно заинтересирани за дефанзивецот на Лајпциг, Ибрахима Конате. Двата клуба веќе започнале разговори со агентот на Конате и сакаат да го донесат во своите редови во јануари. 20-годишниот Конате одлично ја започна сезоната и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Клоп е во потрага по дефанзивец кој ќе може да го замени повредениот Ван Дајк, но исто така во иднина да биде и негов партнер во дефанзивната линија. Солскјер исто така е во потрага по квалитетен дефанзивец, па останува да видиме кој ќе ја добие битката за потписот на Конате.


Озил ги одбил понудите од МЛС, ќе се пресели во Фенербахче

Месут Озил изгледа ќе се врати во Турција. Арсенал сакаше да се раздели со Озил уште пред летото и истекот на неговиот договор, па искусниот играч за врса пронајде нов клуб. Озил се договори со Фенербахче и со овој клуб ќе потпише договор на три ипол години. МЛС тимовите и Фенербахче беа најголеми фаворити за доведување на Озил, но желбата на играчот беше да се пресели во Истанбул. Озил вчера на друштвените мрежи објави и фотографија, па така го најави овој трансфер. Фенербахче не ја започна баш најдобро сезоната и беше за очекување да има промени, а доаѓањето на Озил може да биде вистински потег.


Емерсон Палмери наместо во Интер, ќе заврши во Јувентус

Јувентус веќе работи на јануарските засилувања, а примарна цел ќе биде засилување на левата бековска позиција. Италијанските медиуми пренесуваат дека „старата дама“ веќе почнала да работи на трансферот на Емерсон Палмери од Челзи. Палмери долго време е на радарот на Антонио Конте, но „нероаѕурите“ не се спремни да ги платат бараните 20 милиони евра, па таквата ситуација ќе ја искористи Јувентус. Италијанскиот репрезентативец не добива голема минутажа кај Лампард и сака да се врати во Серија А, а Пирло верува дека идеално ќе се вклопи во неговата формација.


Тајс го напушти Макаби и потпиша за Реал Мадрид

Шпанскиот прволигаш Реал Мадрид од денеска официјално е посилен за искусниот американски центар Алекс Тајс. „Кралевите“ одлучија да се активираат на пазарот по тешката повреда на Ентони Рендолф и изборот падна врз 32-годишниот Тајс кој веќе долго време игра во Европа и нема да му биде потребно да се прилагоди на условите, правилата на стариот континент. Тајс во Реал Мадрид доаѓа од Галатасарај каде имаше просек од 8,3 поени, 4 скокови и 1, 7 скокови во Евролигата. Договорот на Алекс кој може да ги покрие позициите четири и пет е до крајот на сезоната.


Жиру ги одби понудите од Италија за да остане во Челзи

Оливие Жиру донесе конечна одлука околу својата иднина. Жиру е на радарот на италијанските гиганти Интер и Јувентус, но тој одлучил да остане на „Стенфорд Бриџ“, пренесуваат медиумите. 34-годишниот напаѓач беше спремен да ја промени средината во зимскиот преоден рок, но во последно време работите се променија. Жиру почна да добива се поголема минутажа кај Лампард и донесе одлука да остане до крајот на сезоната, кога и му завршува договорот. Жиру оваа сезона има одиграно само 9 меча во Премиер лигата на кои постигна 3 гола.


Хамилтон има мегаломански барања од Мерцедес

Луис Хамилтон и луѓето од Мерцедес во Формула 1 имаат сериозни разлики во преговорите за продолжување на соработката, тврди шефот на екипата, Тото Волф. Седумкратниот светски шампион поставил повеќе услови за да го потпише новиот договор, но, тие не им се допаѓаат на луѓето од германскиот тим. Прво: Хамилтон побара повеќе од 40 милиони евра колку што му беа понудени, потоа побара 10% од парите заработени од Мерцедес за шампионската титула кај конструкторите и трето, седумкратниот светски шампион инсистира на договор од четири години додека Мерцедес е подготвен за две сезони.


Кики Бертенс го пропушта Австралија Опен

Холандската тенисерка Кики Бертенс, соопшти дека поради опоравување од повредата на ахиловата тетива, ќе го пропушти првиот гренд слем турнир годинава во Австралија. „Мојата рехабилитација се одвива добро, но морав да ја донесам оваа тешка одлука годинава да го прескокнам патувањето во Австралија. Турнирот е прерано за мене, а ризикот е голем.“ – објави Бертенс на својот Твитер профил. Холандската тенисерка наведе дека се надева на нејзино враќање на тениските терени во март. Бертенс, која во моментот се наоѓа на деветтото место на ВТА листата, досега на гренд слем турнирите има најдобар резултат на Ролан Гарос, кога во 2016. година стигна до полуфиналето. Отвореното првенство на Австралија ќе започне на 8. февруари, а ќе трае до 21. февруари.


Ансу Фати брзо заздравува, ќе се врати на терените порано од планираното

Напаѓачот на Барселона, Ансу Фати, може да се врати на терените во почетокот на февруари. Фудбалерот кој во ноември имаше операција на менискусот на левото колено може да биде подготвен да заигра и еден месец порано од предвиденото. Каталонците се надеваат дека Фати ќе може да се појави на мечот со Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите. 18-годишниот Фати на стартот на сезоната одигра 10 меча и постигна 5 голови.


Го одбил Ливерпул, срцето вели – Барселона!

Џини Вајналду ја одбил и последната понуда на Ливерпул за продолжување на договорот и сега е на чекор поблиску до трансфер во Барселона. Оваа вест ја пренесоа шпанските медиуми, но и реномираниот Ливерпул Ехо, кој истакнува дека Вајналдум смета дека неговата етапа на Енфилд е завршена и негова желба е да се пресели во Барселона. Не е тајна дека Вајналдум е најголема желба на Роналд Куман, кој и летото сакаше да го доведе, но Барселона немаше средства да го реализира тој трансфер. Сега ситуацијата е поразлична, па Барселона може да преговара со Вајналдум и бесплатно да го доведе на 1. јули. Вајналдум има 30 години, еден е од клучните играчи кај Клоп, но смета дека ова му е последна шанса во кариерата за уште еден голем трансфер.