ракомет

Грецки најави заминување во ракометна пензија

Легендарното крило на Рајн-Некар Левен заминува во пензија. По Уве Генсхајмер, и десното крило Патрик Гроцки објави дека сезоната 2025/2026 ќе биде неговата последна, по цели 19 години поминати во дресот на “лавовите”.

По завршувањето на кариерата, тој ќе му се придружи на својот поранешен соиграч Генсхајмер во менаџментот на клубот.

Во својата емотивна изјава, Гроцки ја објасни својата длабока поврзаност со клубот.

“Во одреден момент, секој професионален спортист доаѓа до овој момент”, изјави “рекордерот на лавовите”. “Во текот на овие 19 години, ‘лавовите’ за мене станаа повеќе од клуб – станаа дом. Тука стекнав пријатели за цел живот, тука се чувствувам свој на своето. Затоа, уште повеќе се радувам на новото поглавје во мојот клуб, кое ќе ми донесе сосема нови предизвици.”


Познати учесниците на Струшкиот ракометен турнир

Годинава ќе се одржи 53-тото изнажние на традиционалниот меѓународен ракометен турнир во Струга. На отворениот терен крај популарната „женска плажа“ ракомет ќе се игра од 13 до 16 август.

Оваа година на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“ ќе играат шест екипи, четири македонски и две странски. Годинашното издание ќе го прескокнат трите најдобри македонски екипи, Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид.

Покрај домаќинот Струга, честа на Македонија ќе ја бранат ГРК Тиквеш, РК Бутел Скопје и ГРК Охрид.

Дополнително екипите на Бурса од Турција и Раднички Крагуевац од Србија ќе го збогатат новото издание на Струшкиот турнир.


Милосављев следното лето се сели во Полска

Голманот на германскиот првак, Фуксе Берлин, Дејан Милосављев, по истекот на договорот ќе се пресели во Полска. Од сезоната 2026/2027, поранешниот голман на Вардар ќе ги брани боите на Киелце.

Како што пишува „handball-planet.com“, новиот клуб на српскиот голман, повторно гради силен тим, но во тој тим веројатно ќе го нема семејството Душебајев. Алекс и Даниел и нивниот татко Талант се на мета на Кил.

Милосављев е во Берлин од 2019 година, дојде во тимот откако ја освои европската титула со Вардар.

Минатата сезона, „Лисиците“ го продолжија договорот со првата ѕвезда на тимот, Матијас Гидсел, до 2029 година, и се чини дека во буџетот немаат доволно пари за да го продолжат договорот и со голманот.

Киелце е во пад со години, по два настапи во финалето на Лигата на шампионите, сезоната пред минатата беше елиминиран во четвртфиналето, а претходната сезона веќе во првата нокаут рунда.

Веќе две години, тимот на Талант Дујшебаев го губи приматот во Полска од Висла од Плоцк. Ова лето, најголемото засилување е словенечкиот ас Алекс Влах од Алборг. Хрватскиот репрезентативец Лука Ловре Кларица, десен бек на Загреб, заедно со Милосављев, ќе пристигне следното лето.


Астиво донесе четири засилувања за новата ракометна сезона

Штипски Астибо активно го гради ростерот за новата сезона во која одново ќе се натпреварува во Суперлигата.

Откако минатата сезона сензационално се пласираа во плеј-офот, сега во штипскиот клуб промовираа четири нови ракометарки.

На списокот на новајлии се најдоа: бекот Клементина Ѓурческа која има настапи за Металург и Куманово, крилото Ангела Петровска, а од ЖРК Шампион пристигнаа бекот Мила Филипова и кружниот напаѓач Марија Бојковска.

Покрај новите имиња, клубот соопшти дека ја продолжува соработката со Елена Димова, што е дополнителен мотив за амбициозна сезона пред тимот од Штип.


Петар Николовски потпиша за Бутел Скопје

Нов член на скопскиот клуб Бутел Скопје е Петар Николоски, 16-годишен ракометар кој потекнува од Охрид. Станува збор за кадетски репрезентативец, а со Бутел парафира договор за нередните три сезони.

Момчето веќе е во Скопје, потпиша и ќе му се стави на располагање на тренерот Горан Кузманоски.

Претходно бутелци се засилија со Давид Гришикашвили и Благојче Трајкоски, додека договорите ги продолжија Димитар Ѓоргиевски и тренеот Кузманоски.

Овој тим ќе настапи во првото коло на Европскиот куп на ЕХФ, а таму за ривал ќе го има Дуделанж од Луксембург.


Арау е новиот клуб на Мартин Поповски

Македонскиот ракометен интернационалец Мартин Поповски е нов член на швајцарскиот прволигаш Зур Арау.

Искусниот леворак ракометар доаѓа од редовите на лигашкиот ривал Амичитија Цирих, каде што настапуваше последните пет сезони. Поповски потпиша договор до 2028 година.

Иако имаше важечки договор со Амичитија до летото 2025, трансферот се реализираше поради финансиските проблеми на клубот од Цирих.

За Арау, ангажманот на Поповски претставува значајно засилување, особено поради неговото искуство, разновидност и лидерски квалитети.

„Секој што го следи швајцарскиот ракомет знае за квалитетите на Мартин. Тој е професионалец од висок ранг кој ќе биде од голема корист за нашиот млад тим“, изјави спортскиот директор Роберт Костадиновиќ.


Ројевиќ: Мојот Охрид ќе расте ден по ден

Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.

„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“, изјави Ројевиќ.

Според него македонската лига е најсилна на Балканот.

„Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, истакна тренерот на охриѓани.


Шампионот ги „запали моторите“, Гарабаја прозиваше во Битола

Денес со работен состанок во спортската сала „Боро Чурлевски“ беше означен старт на сезоната 2025/26.

На средбата беа претставени новиот тренер Рубен Гарабаја и новите ракометари во ростерот. На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски, а тренерот ја претстави својата програма на работа за ова лето.

Во првата фаза од подготовките ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе се подготвуваат во Битола, а централната фаза ќе ја реализираат од четврти август на Златибор. Таму ќе се бруси формата десет дена и ќе се одиграат првите контролни натпревари.

По враќањето во Македонија, ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе учествуваат на турнирите во Охрид (19-23 август) и Скопје (28-31 август).

Првите официјални натпревари Еурофарм Пелисгер ќе ги одигра во септември. Суперкупот на Македонија против Вардар 1961 на 3 септември, првиот натпревар од Суперлигата на теренот на Бутел Скопје на 6/7 септември и првиот дуел од Лигата на шампионите против Загреб на 10/11 септември.


Саид Хеидарирад потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер

Најдобриот ирански голман, Саид Хеидарирад, е нов член на македонскиот првак Еурофарм Пелистер. Искусен и квалитетен голман доаѓа во нашиот клуб и наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на почетокот на подготовките за сезоната 2025/26.

Се работи за 34-годишен голман, кој во својата земја е гопема спортска ѕвезда. Саид Хеидарирад доаѓа во Битола од Партизан Белград, откако даде голем придонес во титулата првак на Србија, која црно-белите ја освоија во сезоната 2024/25. Хеидарирад долги години е во Европа, откако пред да дојде во Србија седум сезони настапуваше за романскиот гигант Динамо Букурешт и освои многу трофеи со клубот од главниот романски град. 194-сантиметри високиот Саид Хеидарирад е незаменлив во иранската репрезентација, а беше дел и од неколку Светски првенства и шампионати на Азија.

Иранскиот голман потпиша договор на две години и ќе биде претставен во Битола на крајот од месецот.


Шпанецот Гарабаја е нов тренер на Еурофарм Пелистер

Шпанецот, Рубен Гарабаја Аренас, е нов тренер на ракометарите на Еурофарм Пелистер откако се согласил на договор за една плус една сезона. Тој утре во Битола ќе ја има првата средба со играчите.

Гарабаја има 168 мечеви за Шпанија и постигнато 318 голови. Тој е носител на злато од СП, сребро од Европски шампионат, бронза од Олимписките игри во Пекинг и Мундијалот во Шведска. Гарабаја кариерата како играч ја започна во Адемар Леон а беше дел и од Моразо и Ваљадолид за во 2007 година да го облече дресот на Барселона.

Со Каталонците освои 3 пехари во домашното првенство, два Купа на Кралот а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.