Костариканската легенда се збогува со репрезентацијата

Голманот на Костарика, Кејлор Навас објави крај на својата репрезентативна кариера на 37-годишна возраст, со што стави крај на шпекулациите дека би можел да игра на следнoто издание на Копа Америка.

Навас во националниот тим дебитираше во 2008 година, а оттогаш забележа 114 настапи и настапи на три светски фудбалски првенства, од кои најзначајно беше она во Бразил во 2014 година, каде беше еден од главните играчи на тимот кој стигна до четвртфиналето.

„Ова поглавје од мојот живот се ближи кон крајот, заминувам со срце полно со благодарност и очи со нетрпение, носејќи го името на нашата сакана Костарика“, вели голманот во видеото објавено на социјалните мрежи.

Навас, чиј договор со Пари Сен Жермен истекува во јуни, минатата сезона ја помина на позајмица во англискиот премиерлигаш Нотингем Форест.