Алкалоид обезбеди одлична залиха за реваншот против Горење

Ракометарите на Алкалоид се на добар пат да обезбедат пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп, откако на првиот натпревар од двомечот против словенечко Горење Велење славеа со убедливи 32-23.

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одличен натпревар, покажувајќи квалитет и карактер, а деветте гола предност се огромен капитал пред реваншот во Словенија, кој ќе се игра следниот викенд.

Почетокот им припадна на гостите, кои поведоа со 1-4, но Алкалоид брзо се консолидираше, направи пресврт и со серија добри напади ја презеде контролата врз резултатот. Особено значајна беше улогата на голманите Кизиќ и Галевски, кои со своите интервенции, меѓу другото, одбранија и три седмерци.

Домашниот состав постепено ја зголемуваше предноста, па на паузата замина со комотни 15-10. Алкалоид продолжи во ист ритам и во второто полувреме, во еден момент стигнувајќи и до највисоки девет гола предност – 22-13.

Горење се обиде да се врати во игра и успеа да ја намали разликата на 23-17, а подоцна и на 25-20, но македонскиот тим навреме реагираше. Алкалоид повторно ја презеде иницијативата, ја врати контролата и во завршницата не му остави простор на противникот за ново приближување.

Со головите на Џонов и Костески, како и со сигурната реализација во последните минути, домашниот тим стигна до конечните 32-23 и предност од девет погодоци пред гостувањето во Словенија.

Марко Митев и Сухолежник со по пет гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека Костески и Игор Ѓоргиев постигнаа по четири погодоци.