Дарио Ивановски обезбеди место на Светското атлетско првенство

Благодарение на резултатот кој го оствари на неодамнешниот Скопски Маратон, Дарио Ивановски, собра доволно поени кои му гарантираат место на маратонската трка на СП во Пекинг следната година, каде ќе настапат 100-те најдобри на светот.

Тренерот на Дарио, Игор Јакимовски објави дека најпознатиот маратон во Македонија ги поседува сите критериуми за квалитет, и ги рангира врвните атлетичари за пласман на големите меѓународни натпреварувања.

„Дарио уште сега е пласиран на СП Пекинг 2027 година дури и воопшто да не се натпреварува до стартот на следниот глобален настан на најдобрите светски атлетичари.

До месец јули 2027 година доколку не постигне подобар резултат/пласман од СКМ 2026, неговата позиција може максимално да се спушти до 85-то место од квотата 100 учесници во дисциплината маратон.

Ова е успех и за Скопскиот Маратон чие име стои после името на Дарио Ивановски во квалификациите за Пекинг“, информира Јакимовски.

Светското првенство ќе се одржи од 10-ти до 19-ти септември Пекинг, на олимпискиот стадион „Птичје Гнездо“.