Евролигата најавува проширување

Раководството на Евролигата направи важен чекор кон големи промени во најквалитетното европско клупско кошаркарско натпреварување. Сопствениците на клубовите, на состанокот на езерото Комо, постигнаа договор да продолжи процесот на проширување на Евролигата, но и трансформацијата на клубовите во франшизи.
На состанокот биле разгледани најважните стратешки прашања поврзани со иднината на натпреварувањето и заедничките ресурси на клубовите.
Претседателот Дејан Бодирога ја истакнал работата што ја направиле клубовите во изминатите децении, придонесувајќи за растот и за популарноста на европската кошарка.
Извршниот директор Чус Буено, пак, ги презентирал досегашните резултати од стратешкиот и од десетгодишниот деловен план.
Една од клучните теми била трансформацијата на актуелните десетгодишни лиценци во долгорочни франшизи.
Станува збор за 13 клуба акционери, кои во иднина би имале уште посигурна позиција во системот на Евролигата. Меѓу нив се: Ефес, Басконија, ЦСКА Москва, Олимпија Милано, Барселона, Баерн, Фенербахче, АСВЕЛ, Макаби ТА, Олимпијакос, Панатинаикос, Реал Мадрид и Жалгирис.
Сопствениците се согласиле да продолжи процесот, а Управниот одбор добил задача да ја подготви конечната препорака во наредните недели. Паралелно со тоа, ќе продолжи и процесот на зголемување на бројот на франшизи на натпреварувањето.