ЕУРО2020 – 03. Холандија одблиску

„Лалињата“ се култна историја на европскиот фудбал, титулата од 1988 година блесок кој најсилни сјае.
Холандија остави силен печат на претходните Европски првенства, победувајќи еднаш и стигнувајќи до полуфиналето уште трипати. Триумфалниот тим од 1988 година, кој беше составен од играчи на тогашниот европски првак ПСВ Ајндховен и големото трио на Милан, Марко ван Бастен, Руд Гулит и Франк Рајкард, беше уживање да се гледа, пишува меѓу другото УЕФА.

Како клучни играчи УЕФА ги издвојува Мемфис Депај (54 настапи, 19 гола) и Георгинио Вајналдум (62 настапи, 15 погодоци). Напаѓачот на Лион, Депај, беше одлучувачки за „портокаловите“ со голови и со асистенции. Тој не секогаш го прави очигледниот избор или ја фаворизира најлесната опција, но нема сомнение дека нападот на Холандија е многу поефикасен кога тој е дел од него, а централниот плејмејкер на Ливерпул, Вајналдум, носи елеганција, цврстина, движење и вештина во холандскиот среден ред, а особено неговото речиси телепатско разбирање со Мемфис донесе голем успех за репрезентацијата, пишува УЕФА. Во историјата на холандската селекција како голови за паметење УЕФА издвојува неколку. Волшебното додавање на Адри ван Тигелен во финалето на ЕП 1988 првично изгледаше премногу долго за Ван Бастен да го стигне. Она што следуваше беше еден од најубавите голови што некогаш биле видени во големото финале.

Успешен корона експериментот во Амстердам
Натпреварот меѓу Холандија и Латвија требаше да биде само еден обичен дуел меѓу фаворит и аутсајдер во квалификациска група за Светско првенство 2022. И така и беше, Холанѓаните се справија со гостите и после болниот пораз од Турција (4-2) освоија три важни бода, но најинтересно на мечот беше присуството на публика на трибините, права реткост во светот на спортот во изминатaта една година.
Холандија на тој план е една од првите земји во Европската Унија која постепено дозира пуштање публика на стадионите. Холанѓаните повеќе од еден месец тестираат влез за гледачи: на „Јохан Кројф Арена“ имаше 5.000 присутни од вкупен капацитет 55.000 места. Холанѓаните покренаа иницијатива „Враќање кон животот“ поддржана од владата. Навивачите кои купиле карти за натпреварот на репрезентацијата морале да направат брз тест на коронавирус кој бил ажуриран на денот на мечот на посебен сајт на кој има Corona Check.
Според резултатите на тестовите, луѓето биле поделени на девет групи кои ги пуштиле во разни сектори од стадионот во формат на таканаречени „балони“, како би контактирале само со претставници од нивната „група“. Некои сектори морале да бидат со маски некои не, а ниту еден „балон“ немал задолжително растојание едни со други. Сево ова е експеримент пред Европското првенство 2021 година, летово.

Како Канатларовски, Пандев и Стојков ја запреа Холандија Македонија – Холандија 2-2 9 октомври 2004
На 9 октомври 2004 година во Скопје, гостуваше силната Холандија, предводена од прочуениот Марко ван Бастен. Ван дер Сар, де Јонг, Коку, ван Бомел, Давидс, Снајдер, Кајт, ван дер Варт и другите против четата на Драган Канатларовски во која беа: Николов, Крстев, Седлоски, Митревски, Пандев, Шаќири, Стојков, Божиновски, Васоски, Јанчевски, Гроздановски… Натпревар кој заврши 2-2. На трибините вообичаена глетка од 15.000 гледачи, одлична атмосфера. Имаше шанси на двете страни, но до таа 42.минта немаше голови. Тогаш Боума го „тресеше“ Јане за 0:1. Не минаа три минути кога Пандев уште еднаш покажа дека е класа, како ли само го матираше тој славен Едвин ван дер Сар. Само што започна вториот дел, одново шанси на двете страни, а во 65. минута Кајт повторно носи холандско водство. Но сега е редот на вториот струмичанец, на Ацо Стојков да постигне супер гол за 2-2. За голема еуфорија, за голема радост на Градски и тие 15.000 гледачи. Ова е натпревар на кој и дефинитивно на меѓународната фудбалска сцена се претстави тандемот Пандев – Стојков. Инаку натпреварот беше одигран во рамките на квалификациите за СП 2006 во Германија. Покрај Македонија и Холандија, во групата беа Чешка, Романија, Финска, Ерменијан и Андора.