Израел, Фарските Острови и Андора се противници на Македонија во Лигата на нации

На денешната ждрепка во Нион, женската А репрезентација на Македонија ги доби противниците во новото издание на УЕФА Лигата на нации. Нашата селекција ќе се натпреварува во Лига Ц, каде за противници ги доби репрезентациите на Израел, Фарските Острови и Андора.
Во Лига Ц се натпреваруваат репрезентациите кои според пласманот во квалификациите за Светското првенство 2027 се најдоа во третиот ранг на европскиот репрезентативен фудбал. Победниците на шесте групи во Лига Ц обезбедуваат директен пласман во Лига Б, додека двете најдоброрангирани второпласирани репрезентации ќе добијат можност преку бараж да се борат за промоција во повисок ранг.
По ждрепката, селекторот на женската А репрезентација на Македонија, Александар Андов ги сподели своите очекувања за претстојните натпревари и предизвиците што ја очекуваат селекцијата.
„Андора е репрезентација која добро ја познаваме и против која имаме остварено две победи. Фарските Острови и Израел се селекции со кои досега немаме играно, но се надевам дека и против нив ќе успееме да оствариме позитивни резултати. Сепак, треба да бидеме приземни во очекувањата. Нашата репрезентација е во процес на подмладување, со вклучување на фудбалерките од селекциите до 19 и до 17 години. Тоа е процес кој бара време, работа и трпение. Јас сум оптимист и верувам во потенцијалот на оваа генерација. За мене успех ќе биде да освоиме повеќе бодови од минатиот циклус, да продолжиме со развојот на младите фудбалерки и постепено да се подготвуваме за поголеми резултати во иднина“, истакна селекторот.

Натпреварите од групната фаза ќе се играат во три термини: од 23 февруари до 6 март, од 13 до 24 април и од 7 до 15 јуни 2027 година.