Кузмановски: Никого не потценуваме, но нашата цел е пласман на ЕП!

Македонската ракометна репрезентација ја чека пресметка против Луксембург во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2028 година, а капитенот Филип Кузмановски ги кажа своите очекувања од следните предизвици.

Кузмановски кажа дека ракометарите се подготвени за следните натпревари и ќе одат на победа против селекциите на Луксембург, но и на Грција.

„Мислам дека Македонија во изминатиот период покажа континуитет во големите натпреварувања. Сакаме да го продолжиме и мислам дека напредуваме од првенство во првенство. Се создаде нова генерација, сметам дека сме позрели во моментов и посакуваме за уште еден настап на шампионат. Задачите ни се дадени, сè ни е јасно. Не потценуваме никого, ние сме максимално подготвени. Нè очекува интересен натпревар, треба да ја почитуваме нашата тактика и со добра атмосфера да го пречекаме мечот со Грција“, кажа Кузмановски.

Капитенот вели дека добро ја проучиле и Грција, па желбата е да остварат триумф против јужниот сосед.

„Имаме доволно материјал од екипата на Грција, тие покажаа добра игра против Холандија. Ќе биде тежок натпревар, но ние сме подготвени и сакаме да победиме. Ние секогаш одиме на победа и тоа треба да го оствариме на терен“, додаде Кузмановски.

Натпреварот меѓу Македонија и Луксембург се игра утре од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“, по што на 8 ноември следи тешкото гостување во Грција.