Македонија ќе игра против Кипар во баражот за опстанок во Б Лигата на нации

Репрезентацијата на Македонија го доби противникот во баражот за опстанок во Б конкуренцијата од Лигата на нации.
Македонската селекција во март следната година ќе се соочи со репрезентацијата на Кипар, која во фазата по групи во Ц лигата го освои второто место зад Црна Гора.
Во историјата само два пати сме се соочиле со Кипар и тоа пред повеќе од три децении.
Во првиот дуел одигран на 17 декември 1994 година во рамки на квалификациите за Европското првенство во Скопје, триумфиравме со 3.0, а троен стрелец беше Бошко Ѓуровски.
Вториот натпревар го игравме на 11 октомври 1995 година во Лимасол, а избраниците на селекторот Андон Дончевски освоија бод откако конечниот резултат беше 1:1, а стрелец на погодокот за Македонија беше Борче Јовановски.
Во шесте настапи во Лигата на нации, Кипар забележа две победи, исто толку порази и имаше два нерешени резултати.
Нашиот следен противник славеше над Летонија (2:1) и Ерменија (2:0), на два пати беше совладан од Црна Гора (1:4 и 1:2), а по бод освои во соочувањата со Летонија (0:0) и Ерменија (1:1).
Во останатите натпревари од баражот се среќаваат Естонија – Романија, Фарски острови – Грузија и Белорусија – Израел.