МЗТ Скопје Аеродром поразен на гостувањето кај Вурцбург

Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром претрпе пораз на гостувањето кај германскиот Вурцбург со 87-70, во натпреварот од третото коло во групата „Е“ од ФИБА Еврокупот. Германскиот состав, предводен од македонскиот тренер Сашо Филиповски, дојде до победата по подобрата игра во второто полувреме.
„Металците“ настапија без капитенот Дамјан Стојановски, а во нивните редови најефикасен беше Фаракан со 14 поени, на кои придодаде четири скока и една асистенција. Маслинко постигна 12 поени и имаше седум скока, додека Тадиќ и Николиќ завршија со по 10 поени. Тадиќ забележа и пет асистенции и три скока, а Николиќ додаде осум скока и четири асистенции.
За МЗТ Скопје Аеродром ова беше трет пораз во третиот натпревар од групната фаза на ФИБА Еврокупот.
Следниот предизвик за македонскиот шампион е дуелот од четвртото коло против кипарскиот АЕК Ларнака, кој ќе се одигра на 27 октомври во Скопје.