Олимписката шампионка Мишел Гизин заврши со скијањето

Швајцарката Мишел Гизин објави дека се повлекува од професионалното алпско скијање на 32-годишна возраст. Тешката повреда здобиена при тренинг во декември минатата година ја оддалечи од патеките, а по долг период на рехабилитација, олимписката шампионка одлучи дека нема да се врати во Светскиот куп.
Една од најуспешните швајцарски алпски скијачки во последната деценија, стави крај на својата кариера, а одлуката ја соопшти на прес-конференција во Енгелберг, речиси 11 месеци по тешкиот пад за време на тренингот во спуст во Сент Мориц.
„Тоа беше долг процес на размислување, кој се одвиваше паралелно со мојата рехабилитација, но започна и неколку години претходно“, изјави Гизин.
Швајцарката зад себе остава импресивна спортска биографија. На Зимските олимписки игри во Пјонгчанг во 2018 година го освои златниот медал во алпската комбинација, а четири години подоцна во Пекинг го повтори успехот и ја одбрани олимписката титула. На Игрите во 2022 година освои и бронза во супервелеслалом.