Светските пинг-понг ѕвезди беа дел од специјалниот настан во Скопје

Македонскиот олимписки комитет, заедно со „Embassy of the People’s Republic of China in North Macedonia“, Шангајскиот универзитет за спорт, Кинескиот колеџ за пинг-понг и неговиот европски огранок, како и нашата Пинг-понг федерација, беше дел од посебен настан со две големи имиња од светот на пинг-понгот – легендарната олимписка шампионка Џанг Јининг и светскиот првак Јан Сен, потпретседател на Кинескиот колеџ за пинг-понг.
Раководителот на секторот за спорт во МОК, Петар Спасеновски, упати благодарност до Кинеската амбасада и ја истакна посветеноста на МОК кон развојот на младинскиот спорт, подобрување на условите за тренинг и создавање можности младите спортисти да го достигнат својот потенцијал и да постигнуваат резултати на светско ниво.
Овој настан добива дополнително значење во годината кога се одбележуваат 55 години од „пинг-понг дипломатијата“ – историски пример за тоа како спортот може да отвора врати, да создава пријателства и да ги поврзува луѓето и културите.