Седлоски: Одговорноста за поразот е моја, мора да учиме од грешките

Македонската репрезентација доживеа пораз од Турција со 4-0 (2-0) на пријателскиот натпревар одигран во Истанбул. Избраниците на Гоце Седлоски не успеаја да му се спротивстават на квалитетниот противник, кој рутински стигна до победата.
По натпреварот, селекторот Гоце Седлоски ја презеде одговорноста за поразот и истакна дека ваквите натпревари треба да послужат како важна лекција за националниот тим.
„Му честитам на противникот за заслужената победа. Турција е одлична селекција со голем број квалитетни фудбалери. Поразот е моја одговорност, бидејќи јас ги носам одлуките и го составувам тимот. На сите играчи им дадов можност да настапат и од ваквите средби мора да извлечеме поуки.
Свесни сме дека веќе четири натпревари не сме постигнале гол и работиме на подобрување на тој сегмент. Игравме против исклучително силни противници и секоја наша грешка беше казнета. Токму затоа мора внимателно да анализираме што не беше добро и да не дозволиме истите пропусти да ни се повторуваат.
Создаваме нов тим и за дел од фудбалерите ова е ново искуство. Очекувам сите што ќе добијат повик во репрезентацијата да го дадат својот максимум и да ја оправдаат довербата. Имам јасна слика за секој играч, а во периодот што следува ќе работиме на корекција на недостатоците и подготовка за предизвиците што нè очекуваат“, изјави Седлоски.
Следниот голем тест за Македонија ќе биде настапот во Лига Б од Лигата на нациите. Контролите против Босна И Херцеговина и Турција претставуваа добра проверка на нивото што го очекува националниот тим, со оглед на тоа што во групата ќе се соочиме со Швајцарија, Шкотска и Словенија.