Седлоски ја има поддршката од федерацијата

Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ верува дека Седлоски е вистинското решение, а за резултати потребно е време, тие допрва треба да доаѓаат. Според него вистинскиот тест ќе бидат квалификациите за Европското првенство, а не Лигата на нации.

„Апсолутно ја има поддршката. Јас не сум човек што луѓето така лесно ги пушта низ вода, особено кога ќе влезете во вакви процеси. Гоце Седлоски своето знаење го докажал со титули, освоени купови. И последните два селектори почнаа лошо ако се сеќавате, со многу послаби противници. Тие немаа во првите седум, осум или 10 натпревари, вакви противници од ваков ранг и имаа лоши резултати, односно променливи резултати. Тоа е разбирливо во фудбалот. Треба почеток на привикнување, играчите да го разберат неговиот карактер и размислување. Мислам дека е преголема критиката врз него и неоправдани се тие напади. Меѓутоа, свесни сме сите кои што сме на овие позиции дека сме подложни на напади, навреди и критики. Тоа е составен дел од фудбалот, тоа е нормало. Меѓутоа, тој ја има нашата поддршка и ќе продолжи да ја има од сите нас кои сме во раководството и спортскиот сектор затоа што знаеме дека ова не е лесно“, кажа Омерагиќ за Телма.