Сушево со важна победа во Тетово ја почна одбојкарската сезона

Одбојкарите на Сушево запишаа важна победа од 3-2 против Лирија, на гостувањето во Тетово во првиот натпревар од претколото во Првата лига мажи, во еден од најинтересните дуели кои се одиграа на стартот на сезоната.

Сушево имаше предност од 1-0, односно 2-1 во сетови, но со голема борба Лирија успеваше да се врати во мечот. Сепак во решавачкиот тај-брејк гостите беа посигурни и стигнаа до победата.

Во вториот дуел кој се играше во Тетото, градското дерби, мина во знакот на Универзитет во Тетово, кој со сигурни 3:0 ја совлада Шкендија.

Сличен исход имаше и на уште едно градско соочување во претколото, каде Струмица 47&72 беше убедлива во натпреварот со Македонија Џио.

Победнички старт имаше и ланскиот финалист ГОК Борец, кој со максимален резултат се врати од гостувањето кај Весна Пробиштип, додека Работнички 71&22 со 3-1 го совлада Скопје.

Шампионот Штип УГД поради настапот во ЦЕВ Лигата на шампионите од претходно го одигра двомечот во Јанта Волеј мажи и со два максимални резултати го потврди местото во Првата А лига, додека Јанта Волеј ќе биде дел од Првата Б лига.

Кој ќе им се приклучи на овие два тима во регуларниот дел од сезоната ќе биде познато на 21 октомври за кога се закажани реванш дуелите.