Тодоров не го менува тимот кој победува

Машката сениорска репрезентација на Македонија ќе тргне во решавачката битка за пласман на Европското Првенство со истата група на играчи кои стигнаа до првата победа во овој квалификациски циклус.
Селекторот Александар Тодоров одлучи дека тимот кој победува не треба да се менува, па денеска, во 15.часот во Арената „Молот“ во Перм, ќе истрчаат истите 12. кошаркари кои вчера ја совлада Италија (87:78).
Дамјан Робев, Лука Савичевиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.
Ненад Димитријевиќ и Дамјан Стојановски имаат повреди. Првиот ја заработи на средбата со Италија, вториот пак во пресметката со Русија.
Дамјан стисна заби, заигра, помогна во дуелот со аѕурите. Ќе биде во тимот, истото го очекуваме и од Ненад, чиј настап е ставен под знак прашалник се до почетокот на средбата со Естонија закажана за 15. часот.
„Денеска пред нас ќе имаме два тешки противника: силната естонска репрезентација и нашиот замор кој е уште поголем проблем, особено ако знаеме дека веројатно ќе играме без Ненад Димитријевиќ“- кажа селекторот Тодоров по големата победа над Италија која ни ги остави „живи“ шансите за учество на ЕП.