Убедлив пораз на македонските фудбалери во Истанбул

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа пораз во Истанбул, откако Турција славеше со убедливи 4-0 во пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Шукру Сарачоглу“. Домаќините беа подобар противник во текот на сите 90 минути и со агресивен пристап уште од стартот го трасираа патот кон победата.
Предупредувањето пристигна уште во првите секунди кога Џан Узун ја погоди гредата, а само мигови подоцна Турција го отвори резултатот. По добро уфрлување од десната страна, Оркун Кокчу се најде на вистинското место и ја испрати топката зад грбот на Столе Димитриевски.
Македонија се обиде да возврати преку Јани Атанасов, чиј удар заврши покрај стативата, но турската селекција брзо погоди уште еднаш. Џан Узун овојпат се запиша меѓу стрелците со прецизен удар од дистанца за предност од 2-0.
Во продолжението од првото полувреме домаќините продолжија да диктираат темпо, додека најдобрата можност за Македонија ја пропушти Езѓан Алиоски. По одлична акција во која учествуваа Елмас и Миовски, левиот бек шутираше одблиску, но Алтај Бајиндир со одлична интервенција спречи намалување на резултатот.
Турција продолжи со офанзивната игра и во второто полуреме и во 53. минута стигна до трет погодок. По асистенцијата на Џан Узун, Дениз Гул беше највисок во скокот и со удар глава погоди за 3-0.
Конечниот резултат беше поставен дваесетина минути пред крајот. По една убава акција на турската репрезентација, Кахвечи го проигра Јилмаз, кој ја затресе мрежата на Македонија за 4-0.
Во финишот натпреварот влезе во помирен ритам. Турција рутински ја сочува високата предност, додека Македонија не успеа да пронајде одговор на расположените домаќини и натпреварот го заврши со пораз.