Чупиќ: Одигравме луд натпревар против Нант

Вардар беше на чекор до првата победа сезонава во Лигата на шампионите, но во драматичен финиш загуби од Нант. Натпреварот влезе во последната минута со неизвесен резултат, но токму тогаш црвено-црните не успеаја да го издржат притисокот.
Јака Малус имаше несреќен финиш – загуби една топка, а потоа не реализираше два напади, што францускиот тим знаеше да го казни и да стигне до победата.
„Беше навистина луд меч. Нант имаше предност од четири гола, но направи неколку грешки и успеавме да дојдеме на само еден гол негатива. Во второто полувреме игравме гол за гол. Во самиот финиш можеби Нант имаше повеќе среќа, а можеби ние немавме доволно искуство“, изјави тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.
Хрватскиот стратег му честиташе на противникот за победата, но посебно ја истакна атмосферата во салата.
„Во секој случај, заслужена победа. Атмосферата беше навистина неверојатна. Им благодарам на сите кои дојдоа тука да нè поддржат“, додаде Чупиќ.