Штип УГД дебитира во ЛШ: Ова е голема чест, но и одговорност!

Македонскиот машки носител на двојната круна, Штип УГД утринава отпатува за Холандија, каде утре, 20 часот, во „Топспортхал“ во Дутинхем, ќе се соочи во Орион Старс во премиерниот меч во ЦЕВ Лигата на шампионите.

По ланското деби во европските клупски купови, сезоната нашиот првак прави чекор напред и за првпат ќе учествува во првата рунда од квалификациите во најелитното континентално клупско натпреварување.

Клубот во новата сезона влегува со големи амбиции, а потврда за тоа е и „репрезентативниот“ ростер кој го поседува со оглед на тоа дека дури шестмина сениорски и тројца младински репрезентативци го носат неговиот дрес. Екипата ќе има сериозен предизвик на стартот на елитното натпреварување, но ќе се обиде да се спротивстави најдобро што може.

„Пред нас е голем предизвик и историски момент, не само за нашиот клуб, туку и за спортот во градот Штип. За првпат во историјата, еден штипски спортски колектив ќе настапи во најелитното европско клупско натпреварување – Лигата на шампионите. Ова претставува огромна чест и задоволство, но истовремено и голема одговорност за сите нас“, коментира тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески и продолжува: „Нашиот противник, Орион Старс од Холандија, е квалитетна и добро организирана екипа, која доаѓа од земја со богата одбојкарска традиција. Во својот состав има холандски, словенечки, белгиски и полски одбојкари, меѓу кои и играчи со големо репрезентативно искуство. Свесни сме за квалитетот на противникот и за предизвикот што не очекува, особено поради фактот што настапуваме на гостински терен. Сепак, верувам дека ова е одлична можност да го покажеме нашиот потенцијал, квалитет и сето она на што работевме во изминатиот период. За нас ова е ново и драгоцено искуство, но и значаен чекор напред во развојот и афирмацијата на клубот. Нашата цел е да одиграме максимално ангажирано, дисциплинирано и борбено, со сериозен пристап и желба достојно да се претставиме на европската сцена. Верувам во моите играчи и очекувам да го дадат својот максимум, без разлика на квалитетот и искуството на противникот. Горди сме што имаме можност да бидеме дел од едно вакво престижно натпреварување и да ги претставуваме нашиот клуб, градот Штип и македонската одбојка. Искрено се надевам дека овој историски настап ќе биде почеток на една успешна европска приказна, но и дополнителен мотив и поттик за развојот на одбојката и спортот во нашиот град.“

Истото мислење го делат и играчите, што потврдува капитенот Михајло Мирасчиев во својата изјава.

„Историски меч за Штип УГД во едно натпреварување како што е Лигата на шампионите. Само по себе ја покажува дозата на одговорност со која одиме во Холандија да го претставиме клубот, нашиот град и Македонија во најдобро светло. Во дуелот влегуваме без резултатски очекувања и притисоци и ќе бараме само едно, а тоа е добра игра против екипата на Орион Старс. Секако, секоја шанса која ќе ја имаме ќе ја искористиме во наша полза“, потенцира средниот блокер.

Штип УГД е вториот машки македонски тим во историјата кој ќе игра во едни квалификации за Лигата на шампионите, откако претходно во таква улога се најде и Струмица 47&72.