Арсенал во пол-позиција: Се подготвува теренот за „моторот“ на Баерн

Ривалството меѓу Арсенал и Тотенхем се сели на трансфер пазарот, каде двата клуба се во директна битка за потписот на искусниот германски репрезентативец, Леон Горецка. Според последните информации, „Топчиите“ во моментов имаат значителна предност пред својот најголем ривал. Стабилноста на проектот на Микел Артета и речиси сигурниот настап во Лигата на шампионите се клучните фактори кои ja наклонуваат вагата кон Емиратите. Со оглед на тоа што договорот на Горецка со Баерн Минхен истекува во јуни, неговиот статус на слободен агент предизвика вистинска треска низ Европа.
Интересот на Артета не е само прашање на добра пазарна прилика, туку стратешки потег за зајакнување на физичката доминантност во средниот ред. Стручниот штаб на Арсенал во 31-годишниот Германец гледа играч со идентичен профил како Деклан Рајс: моќен box-to-box играч кој подеднакво добро ги извршува и дефанзивните и офанзивните задачи. Повредите во минатите сезони, кои чинеа скапо, покажаа дека на тимот му е потребна поголема ротација на позициите, а Горецка, со својата супериорност во воздушните дуели и способноста да постигнува голови од втор план, совршено се вклопува во тој концепт.
По осум трофејни години во Баерн, во кои освои шест титули во Бундеслигата и пехарот во Лигата на шампионите, Горецка е подготвен за нов предизвик. Иако во јануари одби понуда од Атлетико Мадрид за да ја заврши сезоната во Баварија , неговата желба за преселба е јасна. За Арсенал, ангажманот на играч со преку 60 настапи за Германија би значел и внесување на неопходното искуство и победнички менталитет во соблекувалната. Додека летото се приближува, на Емиратите расте оптимизмот за овој трансфер.