Исак повторно на тревник: Арне Слот го најави камбекот на шведската ѕвезда

Додека трката трофеи и позиции влегува во својата најжешка фаза, менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, конечно објави позитивни вести за состојбата на Александер Исак. Најскапото летно засилување на „Црвените“, кој по рекордниот трансфер од Њукасл се соочи со низа малери, ја започнува последната етапа од мачната рехабилитација.
По тешката повреда на фибулата добиена во декември, шведскиот репрезентативец ги замени теретаната и базентот со тревниците во тренинг центарот „на Ливерул. Иако сè уште не тренира со полн интензитет, Слот потврди дека Исак веќе започна со лесно трчање. Клубот предвидува дека напаѓачот ќе се приклучи на колективните тренинзи кон крајот на март или почетокот на април, доколку неговото тело позитивно одговори на претстојните вежби со топка.
И покрај оптимизмот, Слот беше внимателен во своите изјави, нагласувајќи дека на Исак ќе му треба време за да го врати препознатливиот сјај. Со оглед на тоа што напаѓачот ја пропушти предсезоната и веднаш влета во пеколниот ритам на Англија, менаџерот сугерираше дека навивачите на Енфилд можеби ќе го видат неговиот полн потенцијал дури следната сезона.
„За жал, сè уште не сме го виделе најдоброто од Алекс… но тоа дефинитивно ќе се случи следната година,“ истакна Слот. Иако неговото враќање на теренот е блиску, процесот на враќање во врвна форма по долго отсуство е сложен. Сепак, стратегот на Ливерпул е јасен: доколку сè оди според планот, Исак ќе биде значаен „џокер“ во финишот на оваа натпреварувачка година.
Враќањето на Исак му носи на Слот слатки маки. Во негово отсуство, Хуго Екитике буквално експлодираше на теренот, постигнувајќи 14 голови и наметнувајќи се како незаменлив дел од првиот тим. Паралелно со него, Мохамед Салах ги замолкна критичарите со враќање на својата светска форма, обезбедувајќи ја потребната лидерска искра за тимот.
Интегрирањето на ѕвезда од 125 милиони евра во напад кој веќе функционира на високо ниво ќе бара сериозни прилагодувања, но Арне Слот веќе покажа дека не се плаши од експерименти. Ливерпул оваа сезона во неколку наврати веќе играше со двајца класични напаѓачи, а навивачите со нетрпение чекаат повторно да ја видат соработката меѓу Исак и Екитике, кои веќе покажаа ветувачка хемија пред повредата на Швеѓанецот.
Со оглед на тоа што Коди Гакпо минува низ евидентна криза во формата, се погласни се шпекулациите дека Слот би можел да посегне по радикално, но застрашувачки квалитетно решение. Една од опциите е префрлање на „жешкиот“ Екитике на левата крилна позиција, каде што неговата брзина и продорност би биле уште поизразени, додека Исак би ја зазезел централната позиција како најопасен стрелец. Со Мохамед Салах на десната страна, кој ја враќа својата препознатлива светска класа, Ливерпул би добил офанзивно трио со неверојатен индивидуален капацитет. Доколку овие тројца играчи „кликнат“ заедно, нивниот комбиниран квалитет и непредвидливост би претставувале вистински терор за секоја одбрана во Европа.