Македонските ракометарки им се реваншираа на Белгија на квалификациониот дуел во Куманово

Женската ракометната репрезентација на Македонија успеа да ја победи Белгија со 33-28 во последниот меч од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026 кој се одигра во Куманово. Ракометарките така им се реваншираа на Белгијките за поразот во првиот меѓусебен дуел во Хаселт и квалификациите ги завршуваат на третото место на табелата.

Натпреварот започна ефикасно исто како и во Белгија а на полувреме Македонија замина со предност од 17-14. На стартот на вториот дел повторно Макеоднија и дозволи на Белгија да се закани, но овој пат одличната голманка Андреа Илиќ беше на голот на нашата репрезентација. Во 45. минута дојде до бројката од 11 одбрани, нападот тоа го награди и Македонија ја врати највисоката предност од четири гола, 26-22.

Марија Јанкуловска имаше одличен меч со осум гола, додека Сара Стефаноска, Ива Младеновска и Јована Кипријановска постигнаа по шест гола. Учинокот на голманката Андреа Илиќ со 12 одбрани беше многу важен на овој натпревар. Кај Белгија, Неле Антонисен беше најдобра со 13 гола.

Македонија сега го чека расплетот во другите групи, за да види дали на крајот ќе биде меѓу најдобрите третопласирани селекции за место на ЕП 2026. Четири најдобри од шесте трети селекции одат на ЕП.