Работнички преку Мухарем и Талаков до три бода во Куманово

Екипата на Работнички со заслуга ги освои трите бода на гостувањето кај Башкими во Куманово, продолжувајќи ја борбата за опстанок во елитата на домашниот фудбал. Веќе во 11-тата минута, по еден брз противнапад за гостите, Сухел Мухареми успеа да го совлада домашниот голман Јашари за водство од 1-0.

Четири минути подоцна, Башкими одговори преку Рибеиро, кој по асистенцијата на Мемети шутираше само покрај стативата. Алексовски од редовите на домаќините имаше златна шанса за израмнување во 41-вата минута, но гостинскиот голман беше на висина на задачата. Пред самиот крај на првиот дел, Алексовски повторно проби по десната страна и нафрли во шеснаесетникот, но Рибеиро не беше прецизен во завршницата.

Во второто полувреме, домаќините први се заканија преку Ор, чиј удар од 16 метри заврши во рацете на сигурниот голман на Работнички. Во 62-рата минута, Бошнаков се обиде со шут од 18 метри, но топката замина покрај голот на Јашари. На спротивната страна, Мемети се обиде од далечина, но неговиот удар заврши во рацете на Ондоа. Во 67-мата минута, Пејовиќ упати удар од дистанца кој заврши над голот.

Клучниот момент се случи во 72-рата минута кога следеше „студен туш“ за домашната екипа: Мерџани испрати центаршут во шеснаесетникот, а Талаков вешто ја искористи грешката на одбраната на Башкими за да го постигне вториот гол за Работнички.

Домаќините успеаја да се вратат во игра во 79-тата минута преку Алексовски, кој погоди по асистенција на Лимани. Во драматичната 90-та минута, Пејовиќ за малку ќе си постигнеше автогол, но Ондоа беше на вистинското место, а во продолжението од истата акција го сопре и последниот обид на Рибеиро, потврдувајќи го триумфот на својот тим.