Македонија до 17 години со реми против Велс за второ место во квалификациската група

Женската репрезентација на Македонија до 17 години ги заврши квалификациите за Европското првенство со реми од 3:3 против Велс, резултат што ѝ го донесе второто место во Б4 групата од Б-лигата.
Избраничките на селекторката Катерина Милеска одиграа возбудлив натпревар со Велшанките, во кој дури шест пати се тресеа мрежите. Македонија поведе во четвртата минута со автоголот на Кејти Вајтвеј, но Велс направи пресврт преку Маја Халкроу во 22. и Маја Касвел во 27. минута.
Во второто полувреме Емилија Ивковиќ со погодок во 51. минута донесе израмнување, но Касвел повторно ја затресе македонската мрежа шест минути подоцна за водство на Велс од 3:2. Конечните 3:3 ги постави Ивковиќ во 65. минута, со својот втор гол на натпреварот.
На вториот дуел од последното коло, Луксембург славеше минимална победа од 1:0 над домаќинот Грузија.
Македонија го заврши турнирот на второто место со четири освоени бода, зад Велс, кој имаше седум. Третопласиран беше Луксембург, а Грузија го освои последното место.
И покрај тоа што не успеа да го освои првото место, македонската селекција го заокружи настапот со добар резултат и позитивен впечаток во последниот натпревар.