Реал пред доведување на Џеј-Џеј Габриел

Барселона е сè подалеку од можноста да го доведе Џеј-Џеј Габриел (16), големиот талент од академијата на Манчестер јунајтед. Според пишувањата на каталонскиот „Спорт“, шампионот и лидер во Ла Лига одлучи да се повлече од трката за 16-годишниот напаѓач, со што на Реал му се отвора патот кон неговиот потпис.

Габриел последниве месеци е во центарот на голема трансфер-приказна. Младиот Англичанец побара заминување од Манчестер јунајтед, а интерес за него покажаа некои од најголемите европски клубови. Освен Барселона и Реал Мадрид, неговата ситуација ја следеа и Баерн Минхен и ПСЖ. Сепак, се чини дека трката се сведе на двата шпански гиганти, при што Реал Мадрид во моментов е во подобра позиција.

Според информациите на „Спорт“, ПСЖ се обидел да ја подобри својата понуда и да го убеди Габриел да ја продолжи кариерата во Франција. Парижаните му презентирале амбициозен спортски проект, а важен адут требало да биде и тренерот Луис Енрике, познат по работата со млади фудбалери.

Сепак, Габриел и неговите претставници не го промениле првичниот став. Младиот напаѓач претпочита продолжување на кариерата во шпанската Ла Лига, поради што ПСЖ практично испадна од трката. Баерн, според претходните информации, исто така се повлече по проценката дека финансиските барања на операцијата би биле превисоки.

Барселона претходно покажуваше интерес за Габриел, а неговите претставници разговарале со спортскиот директор Деко. Сепак, спортскиот директор на каталонскиот клуб јавно ја намали можноста за трансфер.

Деко уште во септември порача дека Барселона не е заинтересирана за играч во таква ситуација и дека клубот не учествува во преговорите за неговата иднина.

Според наводите на шпанските медиуми, Барселона не е подготвена да ги следи финансиските барања што ги поставуваат застапникот на Габриел, Али Барат, и неговото семејство. Реал Мадрид, од друга страна, наводно е подготвен да понуди повеќе од 10 милиони евра за зделката која би вклучувала тригодишен договор и дополнителни бонуси.

Габриел е еден од најперспективните млади фудбалери во Англија. Минатата сезона постигна 23 гола на 23 натпревари во Премиер лигата за играчи до 18 години и беше прогласен за најдобар фудбалер на натпреварувањето.