Липи со поддршка за Гатузо пред важните бараж натпревари

Репрезентацијата на Италија утре го започнува својот пат во дополнителните квалификации за Светското првенство. Ќе одиграат полуфинален натпревар против Северна Ирска на домашен терен во Бергамо, а доколку се пласираат понатаму, финалето ќе го играат против победникот од дуелот меѓу Велс и БиХ.

На кормилото на италијанската репрезентација е легендарниот фудбалер, Џенаро Гатузо, кој досега забележа пет победи и еден пораз како селектор, а сега го очекува најголемиот предизвик. Голема поддршка му пружи Марчело Липи, поранешен селектор на Италија, кој го водеше Гатузо до титулата светски првак во 2006 година.

Прославениот селектор му испрати искрени желби на Гатузо: “Те прегрнувам, Рино. Беше еден од моите најдобри ученици, заедно ја освоивме Светската круна, бевме одличен тим. Како тренер, многу наликуваш на мојот карактер, врската со играчите и визијата која ја имаш. Потсетуваш на… Липи.”

“Заслужуваш го најдоброто. Заслужуваш пласман поради големата страст што секогаш ја вградуваш во сè што го правиш, на теренот, како тренер и во животот. Многу среќа, драг колега. Имаш силен тим и ќе дадеш сè од себе да не го пропуштиме ова натпреварување кое ни недостасува предолго”, изјави Липи.

„Сите сме со тебе, заедно ќе одиме на Светското првенство! Ќе успееме”, додаде тој. Липи, како и секогаш директен, го повика Гатузо на денот на назначувањето и едноставно му рече: “Сега си селектор и знаеш што значи тоа: тоа е твоја работа.”

На прашањето кој од светските прваци од 2006 година, кои станаа тренери, ги има најголемите “липиевски” карактеристики, Липи без двоумење одговори: “Гатузо”, најмногу поради стилот на водење на тимот. Гатузо сега има нешто помал предизвик, прво треба да избори пласман на Светското првенство, а потоа да сонува за повторување на успехот на Липи од 2006 година.