Маркез ќе го наследи Агире на мексиканската клупа

Рафаел Маркез ќе биде нов селектор на фудбалската репрезентација на Мексико по завршувањето на Светското првенство, потврди директорот на националниот тим Дуилио Давињо.

Легендарниот мексикански дефанзивец во моментов е дел од стручниот штаб како помошник на селекторот Хавиер Агире, кој ќе ја напушти функцијата по Мундијалот што летово ќе се одржи во Мексико, САД и Канада. Давињо откри дека договорот со Рафаел Маркез е постигнат уште во текот на 2025 година и дека по завршувањето на турнирот, поранешниот капитен ќе ја преземе репрезентацијата. Новиот селектор веќе има договор до 2030 година, а неговиот стручен штаб е речиси комплетиран.

Мексико ќе настапи во групата А на Светското првенство, каде за противници ќе ги има селекциите на Јужноафриканска Република, Јужна Кореја и Чешка.

Маркез зад себе има богата играчка кариера, настапувајќи за Атлас, Монако, Барселона, Њујорк Ред Булс, Леон и Верона, додека за националниот тим на Мексико од 1997 до 2018 година одигра 147 натпревари и постигна 17 гола.