Петрушев оствари голем успех во Липтовски Микулаш

Кајакарот Ангел Петрушев изминатиов викенд во Липтовски Микулаш, Словачка, оствари резултати кои ја испишуваат историјата на македонскиот кајак.

​На престижниот 78. Меѓународен Татрански слалом, кој се одржува со децениска традиција, Петрушев успеа да го освои првото место, со што стана првиот Македонец во историјата кој победил на овој реномиран натпревар. Во исклучително силна конкуренција од 50 врвни светски натпреварувачи, Ангел покажа супериорност, дисциплина и врвна спортска форма.

​Успешниот викенд започна уште на 2 мај, кога на трката за ICF светскиот ранкинг, Петрушев го освои високото второ место.Овој пласман има дополнителна тежина бидејќи, според новите правила за олимписки квалификации, бодовите освоени на ICF ранг-листите се клучни за обезбедување норма за претстојните Олимписки игри во Лос Анџелес 2028.

​„Овој успех е плод на напорна работа, стратегија и силна мотивација. Да се биде првиот Македонец кој триумфирал на Татранскиот слалом по 78 години постоење на натпреварот е огромна чест, но и поттик за уште поголема посветеност. Целта е јасна – место меѓу најдобрите во светот и настап на Олимписките игри ЛА 2028“, истакнуваат од тимот на Петрушев.

​Македонскиот олимписки комитет продолжува силно да ги поддржува своите стипендисти во нивните подготовки и меѓународни настапи. Постигнатиот резултат на Ангел Петрушев е потврда дека со вистинска поддршка и континуирана посветеност, македонските спортисти можат да доминираат на меѓународната сцена и достоинствено да ги бранат националните бои.