Миленкоски прозиваше, одбојкарите се собраа во Крушево

Со нова енергија и нови лица, но и дел од „староседелците“ машката сениорска репрезентација попладнево во хотелот „Монтана“ во Крушево ги започна подготовките за учеството во Европската лига 2026.

Селекторот Јошко Миленкоски прозиваше, а на првиот состанок се појавија 18 одбојкари, поголемиот дел од нив првпат во А – селекцијата, на кои се гледа како дел од иднината на тимот. Според најавеното интернационалците Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов ќе се приклучат на 13 мај во Скопје.

Традиционално со ручек и работен состанок селекторот Миленкоски ги поздрави сите играчи кои му се ставија на располагање и истовремено ја објасни „мисијата“ која ја очекува репрезентацијата во престојниот период.

„Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е пракса во Европа и во светот во овој период од подготовките со оглед на тоа дека голем дел од играчите со статус на ‘интернационалци’ и натаму имаат клупски обврски. Тоа што сме со редуциран број на искусни играчи дава шанса помладите одбојкари кои се на поширок список да добијат повеќе простор и внимание. Пораниот старт на подготовките има за цел одбојкарите кои имаа подолга пауза да бидат на идентично ниво со оние кои ќе ни се приклучат на 13. мај, а се во полна натпреварувачка форма. Така ќе можеме директно да продолжиме со техничко-тактичка подготовка и да темпираме форма прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот на мај, а потоа и за Европската лига“, објаснува селекторот Јошко Миленкоски и продолжува: „Овие подготовки имаат и една друга цел, да ги видиме моменталните квалитети, предиспозиции и перспектива, и да тестираме поголем дел на млади одбојкари, кои се дел од кадетската и младинската селекција. Отсуството на поискусните во моментов го користиме за да пробаме дел од младинските репрезентативци, кои во август ќе бидат дел од У20 селекцијата која ќе игра зонски квалификации за ЕП во нивната возрасна категорија. Ова е шанса да ги видиме можностите за да имаме јасна слика и на што може да сметаме во иднина. Имаме добар план и на добар пат сме и со сениорите да стигнеме до едно добро ниво, но и младинската селекција да добие добра база. Истовремено ќе видат младите какви се методите на работа во сениорската репрезентација од која се надеваме дека во блиска иднина ќе бидат дел.“

За разлика од претходните години кога учеството во Европската лига се сметаше како подготовка за некое друго натпреварување, сега сериозно се сфаќа ова учество, особено поради фактот дека е прв дел од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2028 година.

„Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача – пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имате ривали како Холандија, Израел и Грција, чии квалитет ни е добро познат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна оптимисти сме дека против Исланд, Косово и Луксембург може да запишеме победи, со оглед на тоа дека важиме за фаворите во натпреварите со нив“, објаснува селекторот.

Што се однесува до она што ја очекува репрезентацијата во првата недела од подготовките стратегот на националниот тим вели:

„Планот за Крушево е да се посвети што повеќе внимание на физичката подготовка. Ќе го искористиме присуството на Петар Баснарков кој првпат е во стручниот штаб на репрезентацијата и со неговата квалитетна работа очекувам многу да и помогне на екипата, особено во подигнување на формата на одбојкарите. Покрај физичка подготовка, ќе работиме и на основна техника, и да видиме како ќе се вклопат помладите во тимот. Тактичниот дел ќе го оставиме за во Скопје кога ќе се комплетираме со интернационалците“, завршува Миленкоски.