Крушево домаќин на голем параглајдинг настан

Во Крушево се одржува 18. FAI Европско првенство во параглајдинг, со учество на 130 пилоти и околу 200 лица од 38 земји
Од 8 до 19 август, Крушево е домаќини на 18. FAI Европско првенство во параглајдинг, еден од најзначајните меѓународни настани во дисциплината Paragliding Cross Country.
На првенството учествуваат 130 пилоти од 38 земји. Заедно со тимовите и придружниот персонал, во Крушево се присутни повеќе од 200 учесници директно поврзани со натпреварувањето. Главното полетување се одвива од Мечкин Камен, додека слетувањето и завршувањето на натпреварувачките задачи се одвиваат на соодветни слетувалишта во поширокото подрачје, во зависност од конкретната задача и условите за летање.
Според организаторите, Европското првенство е потврда за квалитетот на Крушево како меѓународна параглајдинг дестинација, но и можност за понатамошен развој на инфраструктурата и туристичката понуда.
„Организацијата на Европското првенство во Крушево е потврда за квалитетот што го нудиме, но и поттик за понатамошен развој. Со изградбата на новите полетувалишта создаваме услови и во иднина да бидеме домаќини на големи меѓународни настани. Крушево не е само летачка локација, туку целата локална заедница, угостителите и атмосферата што ги пречекува гостите“, истакна Горан Димишковски, претставник на организацискиот одбор и претседател на Светскиот параглајдинг куп.
Покрај спортското значење, првенството претставува можност за дополнителна меѓународна промоција на Крушево. Учесниците и нивните тимови имаат можност да ја запознаат природата, културното наследство и туристичката понуда на градот.
Развојот на параглајдинг инфраструктурата продолжува и преку ИПА СВС проектот „Крушево и Елбасан, патување во природа и авантура“.
Во рамки на проектот се градат две нови полетувалишта на Црн Врв, со цел подобрување на условите за параглајдинг и создавање дополнителни можности за развој на активниот и авантуристичкиот туризам.
Организатори на 18. FAI Европско првенство во параглајдинг се Paragliding Club Extrema и Delta Paraglider Club, во име на Воздухопловната федерација на Македонија.
Настанот се реализира со поддршка на релевантни национални институции, Општина Крушево и Туристичката организација на Крушево.
По Европското првенство, Крушево продолжува со уште еден голем меѓународен спортски настан.