Еуфорија во Равена, пристигна Роналдињо

Легендарниот Роналдињо пристигна во Италија, каде што ќе биде официјално претставен како нов член на Равена, клуб кој се натпреварува во третата италијанска лига.
Бразилската фудбалска икона слета на аеродромот во Форли, во регионот Емилија-Ромања, каде што беше пречекан пред официјалната презентација на неговиот нов ангажман.
Она што го прави овој потег особено интересен е фактот што Роналдињо има 46 години и последниот официјален натпревар го одигра уште во 2015 година, во дресот на Флуминензе. Сега, 11 години подоцна, легендарниот Бразилец повторно ќе биде дел од професионалниот фудбал.
Неговото враќање, сепак, нема да биде класичен трансфер. Роналдињо е дел и од сопственичката структура на Равена, а неговото ангажирање е дел од поширок проект за промоција и финансиско зајакнување на клубот.
Од Равена потврдија дека Бразилецот ќе одигра најмалку еден официјален натпревар во текот на сезоната. Целта е симболична – Роналдињо сака својата кариера да ја заврши со уште еден гол во официјален натпревар.