Македонија надиграна од Португалија, го завршуваме настапот во групната фаза

Одбојкарската репрезентација на Македонија ќе го заврши настапот на четвртото Европско првенство по групната фаза, откако загуби од Португалија со 3:0 и математички остана без шанси за осминафинале.
Португалците беа подобри во сите три сета, кои ги добија со 25-13, 25-20 и 25-20. Македонија пружи најголем отпор во вториот и третиот сет, во кои во неколку наврати имаше и минимална предност. Сепак, избраниците на Јошко Миленкоски не успеаја да го задржат ритамот до самиот крај.
За пласман во следната фаза на Македонија ѝ беше потребен барем пораз од 3-2, но сега последниот натпревар против Израел ќе биде без резултатски императив. Нашите одбојкари ќе имаат можност со победа да го завршат настапот на континенталниот шампионат.