Прв женски ракометен форум во Охрид во организација на РФМ

Ракометната федерација на Македонија со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, за првпат ќе организира Женски ракометен форум, кој ќе се одржи на 26 септември 2026 година во Охрид, во рамки на Меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија 2026“.
Под мотото „One game. One voice. One future.“, форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет.
Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни: од првите чекори во ракометот до најголемите натпревари и освоените медали.
Ќе зборуваат отворено за подемите и падовите, за поддршката што ја имале, но и за предрасудите со кои се соочувале, за можностите што ги нуди балканската ракометна сцена, но и за промените што се потребни за женскиот ракомет да продолжи да расте.
Посебен акцент ќе биде ставен и на истрајноста, лидерството и животот во ракометот по завршувањето на играчката кариера, како теми што се важни не само за врвните спортистки, туку и за генерациите што доаѓаат.
На едно место ќе бидат легендите, актуелните репрезентативки на Македонија, младите ракометарки од домашната сцена, како и тренери, спортски работници и луѓе кои секојдневно учествуваат во создавањето на идните генерации.
Првиот Женски ракометен форум е чекор на Ракометната федерација на Македонија кон создавање простор во кој искуството ќе се споделува, важните прашања ќе се отвораат гласно, а идеите за подобра иднина на женскиот ракомет ќе добијат свое место.