Барса ќе организира проштален меч за Лео Меси

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, потврди дека клубот планира големо одбележување во чест на Лионел Меси, откако ќе биде целосно завршен реновираниот „Камп Ноу“. Лапорта откри дека Барселона веќе му кажала на Меси дека сака да организира посебен настан по повод неговото заминување од клубот.

„Ќе му приредиме одбележување кога стадионот ќе биде завршен, доколку тој сака“, изјави Лапорта.

Според претседателот на Барселона, свеченоста би можела да биде одржана пред речиси 105.000 гледачи, што би било спектакуларно враќање на Аргентинецот пред навивачите.
Лапорта посочи дека постоела можност Меси да остане уште една сезона во Барселона, но таа опција не се реализирала бидејќи фудбалерот донел друга одлука.

Меси го напушти каталонскиот клуб во летото 2021 година, без можност за официјално збогување пред полниот стадион.