Ираклис го пријави МЗТ Скопје поради транспарент

Натпреварот од првото коло на ФИБА Европа купот во СЦ „Јане Сандански“ меѓу МЗТ Скопје и Ираклис имаше „трето“ полувреме.
Грчкиот кошаркарски клуб поднесе официјална жалба и го пријави МЗТ Скопје до ФИБА.
Причината за тоа беше транспарентот истакнат од домашните навивачи во салата, на кој беше прикажана географската карта на Македонија (со границите до Халкидики) заедно со македонски национални обележја.
Покрај пријавата до делегатите на ФИБА, од грчкиот клуб за овој инцидент ја известиле и Грчката амбасада во Скопје, сметајќи го транспарентот за политичка провокација која ги прекршува правилата на ФИБА за забрана на политички и националистички пораки на спортските терени.
Грчката кошаркарска федерација и раководството на Ираклис потврдија дека, покрај почетниот приговор забележан во официјалниот записник на делегатот, поднесоа и целосна писмена пријава до Дисциплинската комисија на ФИБА Европа.
Во нивното соопштение се наведува дека бараат строги санкции за МЗТ Скопје врз основа на членот од дисциплинскиот правилник кој забранува истакнување на какви било политички, иредентистички или провокативни симболи и пароли за време на меѓународните натпревари.
Поради оваа пријава, МЗТ Скопје се соочува со можна парична казна или натпревар пред празни трибини во следните кола од европското натпреварување.