Баерн му нуди астрономска плата на Олисе

Баерн Минхен подготвува финансиски рекордна понуда за Мајкл Олисе со цел да ја осигури неговата иднина во клубот и да го одбие интересот од европските гиганти.
Според информациите на германските медиуми, баварскиот клуб сака да го продолжи договорот на францускиот репрезентативец до 2032 година. Неговиот актуелен договор истекува во 2029 година, но челниците на Баерн сакаат навреме да ја решат неговата иднина.
Олисе моментално заработува околу 14 милиони евра годишно, а со новиот договор би можел да добие значително зголемување на платата. Според медиумските информации, Баерн е подготвен да му понуди годишна заработка од околу 25 милиони евра, со што би се изедначил со најплатените фудбалери во тимот, меѓу кои е Хари Кејн.
Французинот пристигна во Минхен во летото 2024 година од Кристал Палас и брзо се наметна како еден од клучните играчи во офанзивата на германскиот гигант. Неговите настапи привлекоа внимание и од други европски клубови, меѓу кои се споменуваат Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Сити и Ливерпул.
Баерн, сепак, нема намера лесно да се откаже од услугите на 24-годишниот крилен напаѓач. Покрај високата плата, во преговорите се споменува и можноста за откупна клаузула, но конечните детали сè уште не се официјално потврдени.