УЕФА ги зголемува наградите во Лигата на шампионите

Европските фудбалски клубови ќе имаат дополнителна финансиска причина да се борат за пласман во Лигата на шампионите, откако УЕФА подготвува нов финансиски договор што ќе донесе поголеми приходи за клубовите.

Според информациите што ги пренесуваат италијанските медиуми, новиот договор ќе стапи во сила од следната сезона и ќе важи до 2031 година.

Според извештајот на „Газета дело Спорт“, клубовите што ќе обезбедат место во Лигата на шампионите ќе можат да сметаат на најмалку 50 милиони евра, зависно од распределбата на приходите и условите за учество. За големите клубови од најсилните лиги ова е особено важно, бидејќи таму конкуренцијата за место во ЛШ е силна, а дел од екипите и не успеваат со години да дојдат во елитата.

Отсуството од Лигата на шампионите значи губење на значителни приходи, во период кога клубовите се соочуваат со финансиски притисоци и потреба од внимателно планирање на трансферите. Покрај основните приходи од учеството, дополнителните средства зависат и од резултатите, пласманот во натпреварувањето и другите финансиски критериуми.