Роналдо на само дваесет гола до „илјадарката“

Кристијано Роналдо продолжува да пишува фудбалска историја. Португалецот го постигна 980. гол во професионалната кариера, откако се запиша во листата на стрелците на натпреварот на Ал Наср против Ал Дирија во осмото коло од саудиското првенство.

Роналдо ја искористи одбиената топка по ударот на Кингсли Коман. Голманот успеа да го одбрани првиот обид, но капитенот на Ал Наср се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата.

Со овој погодок, 41-годишниот напаѓач стигна до бројката од 980 гола во кариерата. Сега го делат само уште 20 погодоци од магичната граница од 1.000, достигнување што би претставувало еден од најголемите индивидуални подвизи во историјата на фудбалот.

И покрај годините, Роналдо не се откажува од својата голгетерска мисија. Португалецот и понатаму е еден од најпродуктивните напаѓачи, а неговата цел е да ја достигне границата од 1.000 погодоци пред да стави крај на богатата кариера.

Секој негов следен настап ќе биде под посебно внимание на фудбалската јавност, бидејќи историскиот момент сè повеќе се приближува.